1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што да правам со Коранот?

Од револтирани до љубопитни беа реакциите на минувачите во германските градови, каде за викендот се спроведуваше акцијата на салафистите за делење бесплатни примероци на Коранот.

Салафистите акцијата „Читај“ во која бесплатно делат примероци на Коранот ја започнаа есента минатата година. Нивна цел е во Германија да разделат 25 милиони примероци на муслиманската света книга. Во меѓувреме, печатницата „Ебнер и Шпигел“ најави дека повеќе нема да печати примироци на Коранот. Оваа печатница по налог на организацијата „Вистинска религија“ досега испорачала 300 илјади примероци на Коранот печатен на германски јазик.

Расистички ставови

Покрај штандот во Бон, на кој се делеа бесплатни примероци на Коранот, во текот на викендот можеа да се видат и луѓе - минувачи кои не ги застапуваат тезите на официјалната германска политика и отворено изразуваат расистички ставови.

Stand der Salafisten in Bonn

Штандот на салафистите во Бон

„Муслиманите се толкави верници, така што е можно да се манипулира со нив“, возбудено велеше еден минувач. „Говорам во името на многумина - истерајте ги од земјава. Тие ја уништуваат нашата култура. Не знам во кое училиште ќе ја испратам ќерка ми. Сакам да оди во училиште со Германци. Странските работници се добредојдени, но на определено време и со претпоставка дека ќе се вратат. Сакам да живеам во својата земја, меѓу Германци“.

За друга минувачка ваквата и слични акции се само сеење омраза. „Секој треба да верува. Оној кој сака може да се информира, но никој не треба да го прави тоа на ваков начин. Мислам дека ова не е добро“.

Тесен поглед на светот

Германската сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија важи за главно упориште на салафистите. Експертот за ислам Клаудија Данчке од „Здружението за демократска култура“, вели дека за салафистите е карактеристично тоа дека имаат многу тесен поглед на светот. „Се’ делат на ’исправно’ и ’погрешно’ на ’добро’ и ’лошо’ , ’црно’ и ’бело’, без да постои нешто помеѓу. Само оној кој го следи тој пат има шанса да дојде во рајот“, вели Данчке.

Таа наведува дека постојат три струи на салафисти. Една се оние кои приватно живеат строг догматско-религиозен фундаменталистички живот, но кои не заговараат насилство и омраза и кои се држат настрана од политичките акции. Друга струја се салафистите на која им припаѓа мнозинството салафисти во Германија. Тие радо се за политички акции, пред се’ за „офанзивно декларирање на припадноста кон исламот“. Третата струја се оние кои стојат зад актуелната акција на бесплатно делење на Коранот. Тоа се оние кои сметаат дека насилството е легитимно средство за одбрана од нападите врз исламот.

Акцијата очигледно е успешна

Минувачите покрај штандот во Бон на кој за време на викендот беа делени бесплатни примероци на Коранот имаа можност да го чујат салафистичкиот поглед на доктрината на спасение. „За плодовите на урмата да паднат на земја, прво треба да се протресе нејзиното стебло“, велеше едно момче на чија маица беше испишано името на акцијата. Тоа дополнуваше: „Кога пред куќата ја оставам камилата, морам да ја врзам за да не побегне. Веруваме дека за место во рајот, мора нешто да се стори“.

Акцијата за бесплатно делење на Коранот на салафистите очигледно им успеа - тие со тоа го потврдија нивното присуство во германското општество. И не се откажуваат. Наредната акција на делење на бесплатни примероци на муслиманската света книга е најавена за две недели.