1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Што го чека светот по резиборот на Буш?

Џорџ и сопругата Лаура слават

Џорџ и сопругата Лаура слават

Џон Кери е мудар човек, кој на време сфати дека не смее да предизвикува непотребни тензии. Разликата од преку 100.000 гласови во сојузната држава Охајо беше преголема и во нејзиното надминување немаше да помогне ни повторното пребројување на сите гласачки ливчиња. А правно натегање како пред четири години, Кери не сакаше и не можеше да и приушти на нацијата. Дотолку повеќе што овој пат за разлика од 2000-та година, Буш го освои и апсолутното мнозинство на гласовите, а не само мнозинството од електоратот.

Решавачка за ваквото определување на американските граѓани беше нивната огромна потреба по сигурност, која може да се разбере само врз подлога на атентатите врз Њујорк и Вашингтон од 11 септември 2001-та. Буш оваа тема безмилосно ја експлоатираше во изборната кампања и таквата сметка се покажа како исправна. При тоа исто така не смее да се потцени мобилизирачкиот ефект што врз конзервативниот дел од американското општество успеа да го предизвика старо-новиот претседател. Пред се американската провинција е длабоко религиозна и таму легализацијата на хомосексуални бракови, дозволувањето на прекинот на бременоста или пак генетските истражувања врз матични клетки претставуваат тешка навреда за христијанските вредности.

За разлика од Буш, кој така успеа да ја придобие американската провинција, на Кери не му појде во толкава мера да ја мобилизира урбаната Америка. За тоа му недостасуваше каризмата на еден Бил Клинтон или пак Џон Кенеди. Сенаторот од Масачусец во повеќе наврати остана едноставно блед кандидат.

Што значи ваквиот изборен резултат за иднината на светската супер сила? Со оглед на длабокиот процеп во американското ткиво, што се манифестираше и низ толку тесниот изборен резултат, претседателот Буш ќе мора вториот мандат да го мине во балансирање и лечење отворени рани. Дали тој има способност повторно да го обедини поделеното општество на сопствената земја, тоа останува да покаже времето.

Истата задача се исцртува и на полето на надворешната политика. Буш ќе мора да се покаже помирлив кон неговите противници по прашањето на Ирачката војна, иако нема да попушти и да ги смени темелните ставови околу неа. Во Париз и во Берлин политичарите веќе сега знаат што ги чека. Тие се и подготвени на студена пресметливост во односите со трансатлантскиот партнер. Ова може да се покаже дури добро, бидејќи со атомските програми на Иран и на Северна Кореја веќе се навестуваат новите наоблачувања на хоризонотот на меѓународната политика.

Америка се изјасни! – порача Буш. Европа и посебно Германија не би требало долго да се премислува околу исходот на изборите во САД, туку да се обиде да најде начин како самата да придонесе за нов почеток во трансатлантските односи. При тоа помошта во обновата на Ирак не би смеело да биде табу тема!