1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што ги чека новите македонски пратеници?

Утре (25.06.2011) во Скопје ќе се одржи конститутивната седница на новиот состав на Собранието на Република Македонија. На собраниската седница треба да биде избран и новиот претседател на Парламентот.

default

Нови пратеници ќе дојдат во Парламентот

Социјалистот Љубисав Иванов, најстариот парламентарец, политичарот со најдолг активен стаж и лидер на една партија, ќе го отвори саботното свикување на новиот состав. Во него ќе се појават 5-6 собраниски групи, зашто се најавува дека од закрепнатиот СДСМ ќе се издвојат две фракции, предводени од Тито Петковски и Фијат Цановски, што ја слабее парламентарната моќ на социјалдемократите во дисциплинирањето на опозициското дејствување.

Конституирањето ќе се одвива проследено од упорните млади демонстранти, кои трета недела ја бараат вистината за убиството на Мартин Нешковски, 23-годишниот партиец на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше убиен од специјалец на МВР, за време на славењето на изборната победа, за што младите ја обвинуваат полицијата дека се обиде да го сокрие од јавноста.

„Во Македонија недостасува правна свест и култура дека законот треба да се почитува и дека власта е во служба на граѓанинот, таа мора да биде отворена и транспаретна спрема тие граѓани“, оценува професор Рената Треневска-Десковска.

Неизвесно е дали на првата парламентарна седница ќе биде избран претседател на Собранието, но течат роковите за конституирање на новата власт.

Parlamentsgebäude in Mazedonien

Преговори за нова влада

За новиот владин состав ќе се почека до завршување на преговорите меѓу лидерите на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ, Али Ахмети. Наспроти нивниот таен мајски договор, пред три години, сега ДУИ инсистира на заедничка владина платформа со утврдени приоритети. Не е исклучено лидерите и јавно да се обврзат за нивната нова коалициска соработка.

Официјализирањето на албанскиот јазик во сите институции на централно ниво, но и изучувањето на македонскиот кај учениците – Албанци, остануваат национални приоритети за досегашните и идни партнери на ВМРО ДПМНЕ. Според Рамковниот договор, ќе се бара поголема застапеност на албанските кадри во јавниот сектор. Но праксата на механички и бесцелен прием во админстарцијата, нејзината пребукираност и неефикасност, економската стагнација мора да ја направи Владата внимателна и поинвентивна во развивањето на јавно и приватно партнерство, но и претприемачкиот дух кај младите, сугерира сопственикот на Медиа-груп „Капитал“.

„Вие ги ставате на работа, го трошите буџетот и тие млади бесцелно го губат времето. За нас е многу поважно да направиме амбиент за тие млади, да ги најдеме изворите за финансирање на претприемачкит дух и самите да создаваат бизниси“, вели Љупчо Зиков, економски аналитичар.

Македонија подготвена за ЕУ, неизвесен датум за преговори

Универзитетскиот професор Димитар Мирчев оценува дека позитивните извештаи на ЕУ за реформите во земјата ќе продолжат. Македонија е поподготвена за пристапни преговори со Брисел одошто Бугарија и Романија пред нивното членство во ЕУ, вели Мирчев:

„И покрај тоа не е извесен датумот за претпристапни преговори, но и членството во Унијата“.

„Би било погубно за земјата ако Владата најде алиби во таквата ситуација и тоа го искористи за забавување на реформите, но затоа медиумите и стручната јавност се тука да прават притисок“, одговара за Дојче веле професор Ванчо Узунов. Овој економски аналитичар сепак предупредува внимателно да се следи финансиската криза со Грција и во другите членки на ЕУ.

„Нашата валута е врзана за еврото, тоа е номинално сидро на денарот, ја гарантира стабилноста и за нас, што и да се случува со еврото тоа е репер за нашата економија“.

Момент за нови концесии за големите корпорации

Можното среднорочно пролонгирање на членството во Унијата дури и до 2020 година, за бизнисменот Ристо Гуштеров има и една предност во привлекувањето на големите коропорации-ако Владата се одважи на поголеми бенифиции за странските инвеститори?

Mazedonien Land und Leute

„Џонсон Контрол“ во Бунарџик

„Кога ќе бидеме во ЕУ ќе бидеме под притисок да ги почитуваме заедничките правила. Затоа сега е момент за нови концесии за големите корпорации. Климата се менува кон поволна и мислам дека оваа Влада ќе овозможи уште еден крупен инвестициски зафат на „Џонсон Контрол“, кој својата фабрика од Словачка сака да ја сели во Македонија и да отвори нови 1500 работни места“, вели Гуштеров, кој е промотор на првата фабрика на „Џонсон Контрол“ во економската зона Бунарџик.

„Само Словенија и сега Хрватска се одделија кон ЕУ од Балканот. Останатите држави од екс-Југославија се под знак прашалник и ако не се одлепиме од оваа излолација, може да не‘ остават и тоа е нашиот голем проблем, и тогаш да ни се случат внатрешни проблеми, да се отворат идеи кој со кого сака на Балканот“, истакнува универзитетскиот професор Денко Малески. Тој континуирано говори дека Владата во Скопје мора да биде поагилна и пофлексибилна во решавањето на спорот околу името, што е клучен за евро-аталантските перспективи на Македонија и за новиот состав на кабинетот на Груевски.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM