1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Што би му се случило на Шимуниќ да е Германец?

Поради спорното скандирање на усташката парола „За дом, спремни“, хрватскиот репрезентативец Јосип Шимуниќ во Хрватска не мора да стравува од драконска казна, за разлика од Германија.

„Ме водеа љубовта кон татковината и народот“. Така Јосип Шимуниќ го правдаше извикувањето на усташката парола по завршувањето на мечот против Исланд на кој Хрватска обезбеди учество на Светското првенство во фудбал во Бразил. Емоциите очигледно беа вжештени на Максимир, откако хрватските репрезентативци постигнаа голем успех. Дали во таа зовриена атмосфера Шимуниќ без многу размислување почна да го извикува она што на хрватските навивачи веќе одамна им е усвоена пракса, и притоа не бил свесен што прави? Според австралискиот Хрват, тука немало ништо спорно. Иако и полицијата првично го делеше неговото мислење, сепак, вчера државното обвинителство му одреди максимална парична казна во износ од околу 3.200 евра на Шимуниќ. Обвинителството го казни фудбалерот врз основа на Законот за спречување нереди на спортски натпревари.

Обвинителството наведува дека Шимуниќ бил свесен дека тој извик симболизира официјален поздрав за време на тоталитарниот режим на Независна држава Хрватска, и дека претставува „манифестација на расистичка идеологија, презир кон другите луѓе поради нивната верска и етничка припадност, како и тривилизација на жртвите на злосторствата против човештвото“.

Но, да беше по некоја случајност Јосип Шимуниќ- германски репрезентативец и во дресот на националната селекција да извикуваше „Хајл Хитлер“ или „Зиг Хајл“, работите би изгледале далеку поинаку.

Казните би биле далеку посериозни. Правосудните органи би морале да отворат истражна постапка, би следеле казни, јавноста ќе беше шокирана, а сигурно би имало реакции и од официјални тела, а тешко дека воопшто во иднина некогаш би го облекол дресот на германската репрезентација.

Кога се работи за фашистичките пароли и обележја, Германците се многу чувствителни. Со закон е дефинирано дека во земјата за користење на антиуставни симболи и пароли може да биде изречена затворска казна до три години, како и парична казна.

Шимуниќ во еден период настапуваше и во германската Бундеслига и веројатно слушнал за ригорозните германски правила. Можеби ќе се сети и дека бундеслигашките клубови имаат нулта толеранција кон сопствените навивачи кои на трибините практикуваат фашистички поздрави и извици.