1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Што ако Уставниот суд гласа против ЕСМ?

Што би се случило ако германскиот Уставен суд не го одобри долготрајниот фонд за спас - Европски механизам за стабилност? Може ли еврозоната без него и има ли план Б? Судот одлучува денеска, а шпекулациите растат.

Европскиот механизам за стабилност (ЕМС) нема телефонски број и веб страница, но има свој шеф – Клаус Реглинг. Германецот е на чело на привремениот фонд за спас ЕФСФ во Луксембург. Тој треба да биде шеф и на постојаниот Европски механизам за стабилност, кога и официјално ќе биде формиран. Ако одлуката на судот е позитивна и договорот биде ратификуван во Германија, тогаш ЕМС би можел да започне со работа на крајот од октомври. 17 евро-земји ветија уплата на 90 проценти од капиталот на ЕМС во висина од 80 милијарди евра. Германија учествува со околу 27 проценти од капиталот и без неа тој не може да функционира. Покрај Ирска, Германија е втората земја која се’ уште го нема ратификувано договорот за ЕМС.

Symbolbild Bundesverfassungsgericht ESM Gauweiler

Уставниот суд во Карлсруе треба да пресуди за Европски механизам за стабилност

Хаос или сепак не?

Што би се случило ако ЕМС не може да почне со работа? Размлислувањата се различни. Главниот економист на банката ДИБА во холандскиот финансиски концерн ИНГ Карстен Бржески смета дека тоа би довело до дополнителна несигурност кај инвеститорите.

„Ако се случи тоа, тогаш ќе настане голем хаос. Тогаш ќе видиме дека финансиските пазари апсолутно ќе се испревртат“, вели Бржески за радиото Дојчландфунк и додава: „И тогаш за Германија ќе стане поскапо од она колку што веќе сега чини спасот на еврото“. Каматите за шпанските и италијанските државни заеми многу ќе се зголемат, оценува Карстен Бржески.

Дипломатите од ЕУ, кои сакаат да останат анонимни, релаксирано гледаат на оваа работа. Ако ЕМС не стапи на сила, тогаш привремениот фонд за спас ЕФСФ едноставно ќе продолжи да си функционира. Веќе е испланирано ЕФСФ да продолжи да работи до летото 2013-та година. ЕМС има предност пред ЕФСФ, бидејќи има појасна структура и се појавува како меѓународна финансиска организација, додека ЕФСФ е само приватна фирма според луксембуршкиот закон, кој го основаа евро-земјите во мај 2010-та година, за да може да се справат со кризата.

Symbolbild Bundesverfassungsgericht ESM Gauweiler

Уставниот суд во Карлсруе треба да пресуди за Европски механизам за стабилност

Привремениот ЕФСФ продолжува да работи

Заменикот-претседател на конзервативната владејачка пратеничка група во Бундестагот, Михаел Мајстер, за весникот „Велт ам зонтаг“ рече дека ЕФСФ се’ уште има пари за поддршка на земјите како Кипар или Шпанија.

„Ние се’ уште го имаме привремениот спасувачки фонд ЕФСФ и таму се останати уште од 100 до 200 милијарди евра. Поради тоа, еврото нема да исчезне оваа среда“, рече Мајстер.

Ако ЕМС не може да профункционира, тогаш во случај на итност други ќе се погрижат за тоа. Многу економисти веруваат дека Европската централна банка би реагирала. Таа објави минатиот четврток дека ќе купува државни обврзници од погодените земји во неограничена висина.

„Во меѓувреме, имаме неограничена гаранција во Европската централна банка. Тоа го намалува значењето на претстојната одлука“, вели Каи Карстенсен од Минхенскиот институт за екомски истражувања Ифо за весникот „Ханделсблат“.

Централната банка може да ја пополни дупката

Пратеникот во Бундестагот од редовите на ЦДУ Клаус-Петер Вилш оценува дека пресудата на Уставниот суд има умерено значење. Всушност, судиите би можеле да го отфрлат ЕМС, вели Вилш за Дојчландфунк.

„Ним може да им се покаже дека сега, кога Европската централна банка може да ги реши сите проблеми без политичка контрола и одговорност, ЕМС веќе и не е потребен“, изјави Вилш. Тој припаѓа на владината фракција позната како „евро-бунтовници“ и веќе редовно во парламентот гласаше против мерките за спас на еврото.