1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Што ако во Грција се врати драхмата?

Она што до пред неколку недели се сметаше за далечно хорор сценарио, денеска е тема на бурни јавни дебати во Германија. Имено, гласното размислување околу можниот банкрот на Грција и нејзиното излегување од евро-зоната.

default

Премиерот Јоргос Папандреу

Наспроти сите сомнежи околу успешноста на мерките за штедење што ги спроведува актуелната грчка влада, во јавноста никој не размислува сериозно за излегување од евро-зоната. Сите политички партии јавно го декларираа токму останувањето во монетарната унија како највисок национален приоритет. Единствени кои се издвојуваат од ваквиот став се грчките комунисти, кои најрадо би ја укинале целата ЕУ, како и десните популисти на поранешниот бодигард Јоргос Караџаферис, кои се залагаат за воведување на „евро-драхми“ и тоа уште сега, паралелно со еврото.

Никако назад кон драхмата

Мнозинството финансиски експерти во Атина меѓутоа се на мислење дека враќањето на драхмата би претставувало економско самоубиство на нацијата. Ова дотолку повеќе што големото девалвирање на националната валута поврзано со таквиот чекор воопшто не би ги решило структурните проблеми на грчкото стопанство.

Griechenland Athen Parlament Papandreou Abstimmung Sparpaket Polizei Krise Finanzkrise

Премиерот со министерот за финансии Евангелос Венизелос

Од друга страна, експертите предупредуваат дека останувањето во евро-зоната би било поврзано со внатрешно осиромашување преку натамошно намалување на платите и цените.

Политичарите само не му кажуваат на народот дека и тој пат за надминување на кризата би бил многу болен, критикува финансискиот експерт Костас Мелас. „Вака или онака Грција би морала да ја намали вредноста на валутата за најмалку 40% за да ја компензира загубата на полето на нејзината конкурентност. Веќе денес се намалуваат платите, приходите и пензиите и тој процес на внатрешна корекција може да потрае уште долго. Во јавниот сектор веќе има голем број вработени, кои мораат да се откажат од 40% од годишните примања. Сличен процес очекуваме дека ќе ги снајде и вработените во приватното стопанство“, појаснува економистот Костас Мелас од Атина.

Конфликти зад кулисите?

Шпекулациите за излегување на Грција од евро-зоната се појавија откако т.н. „тројка“ на експерти од ЕУ, ММФ и ЕЦБ имаа конфликт со министерот за финансии Евангелос Венизелос и предвреме ја науштија Атина. Голем број Грци гледаат поврзаност меѓу таквото заминување на меѓународната „тројка“ и сегашниот бран јавни дебати во странство за излегувањето на Грција од монетарната унија. Тие сметаат дека ваквите шпекулации се еден вид дополнителен и намерен притисок врз грчката влада. Министерот Венизелос категорично отфрла дека имало каков и да е конфликт со тројката.

Griechenland Ratingagentur stuft Kreditwürdigkeit weiter herab Euro Münze

До кога ќе има уште евра со грчки натпис?

 Но, за судирот со меѓународните економски експерти, како и за последователните шпекулации виновен е самиот министер, смета Стелиос Катранидис, професор по економија на Универзитетот во Солун. „Причина за експлозивната состојба е несреќниот обид на министерот да наметне нови преговори со тројката за мерките за штедење. Но, такво нешто може да наметне само некој кој има соодветна позиција на моќ, на пример ако поседува кредибилност, големи овластувања за преговарање и ако знае да го одбере соодветниот миг. Меѓутоа оној кој е упатен на помош од странство има лоши карти во обидот да изнуди нови преговори за мерките за штедење“, појаснува професорот Катранидис.

Кој кого треба да го спасува?

Премиерот Папандреу сега тактички мудро ги повикува сонародниците да се борат против безизлезноста, да го спречат банкротот на земјата и со тоа да ги демантираат сите критичари и шпекуланти во земјата и во странство. Не изостана ни вообичаениот апел на Папандреу во вакви ситуации, кој се повикува на националната гордост на Грците, кои треба да помогнат не само ситуацијата уште повеќе да не се влоши, туку со вонредните напори треба да го обезбедат и неговото преживување на политичката сцена.

Griechenland Athen Bettler Armut Hunger

„Гладен сум“, пишува на кутијата на еден питач во Атина

„Некои без заобиколување бараат Грција да излезе од евро-зоната. Многумина во Европа, но и овде во земјата, дури се обложуваат на берзите на нашиот неуспех, обидувајќи се на тој начин да извлечат финансиска, па и политичка полза од нашата мака. Тие посакуваат да банкротираме за да можат подоцна да уживаат во евтина Грција и тоа со парите што претходно на време ги префрлиле во странство“, предупредува премиерот. Затоа граѓаните треба сега со вонредни напори да им ги расипат сметките на таквите финансиски и политички профитери и да докажат дека Грција сепак нема да потклекне, туку ќе ги преброди сите кризи.

Борба за преживување

Но, ваквите апели на премиерот не стигаат многу до ушите на обичните граѓани. Тие се премногу зафатени со борбата за преживување. По кратењата на примањата од околу 30% минатата година, секое грчко семејство мора годинава да се соочи со натамошно намалување на финансиската моќ и тоа во висина од една месечна плата. А и натамошни мерки за штедење не се исклучуваат. Тие може да ги снајдат граѓаните уште во текот на оваа година.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM