1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што ако Белград ја одбие спогодбата со Приштина?

Преговорите меѓу Белград и Приштина влегуваат во одлучувачка фаза. Текот на дијалогот веќе предизвика бројни политички коментари и искри меѓу партиите, а резултатот најверојатно ќе влијае на одлуката за вонредни избори.

Во пресрет на клучната фаза од дијалогот се наметнува прашањето, какви ќе бидат политичките последици по владејачката коалиција, доколку биде прифатен договорот со Приштина, а какви ќе бидат доколку истиот биде одбиен?

Власта не е загрозена?

Доколку Србија ја прифати спогодбата со Приштина, се проценува дека тоа ќе биде документ кој ќе биде спротивен на српските национални интереси.

Kosovo Kosovska Mitrovica Winter

Митровица

Проблемот сепак е како се дефинира неповолниот договор по Србија, истакнува за ДВ Јелена Милиќ, деректор на Центарот за евроатлантски студии. Притоа недоволно се потенцира зошто е дојдено до сегашнава ситуација Косово да стане независно поради масовно кршење на човековите права, вели Милиќ. „Српската страна од тој аспект има проблем да и‘ објасни на јавноста, зошто нешто се нарекува дијалог и преговори во што таа мора да направи 90 отсто отстапки, а притоа и самата да не каже што била нејзината улога во минатото и зошто дошло до сето тоа“.

Во секој случај, прифаќање на договорот, колку и да се гледа како неповолен за Србија, нема да ја загрози самата власт, смета Милиќ. „Од апсект на опстанок на власта мислам дека многу помал проблем може да има во Централна Србија: низ контрoла на медиумите, низ спинување на интересите на јавноста кон случувањата во реалити шоу програмите, уште по некое спектакуларно апсење, или нови финансиски инвестиции од емиратите или Русија. Но поголем проблем ќе претставуваат реакциите на Србите на Косово и реакциите во војската и полицијата, поточно оние делови неконтролирани сектори на безбедноста, кои ќе се противат на таквото решение“.

Избори и паѓање на власта?

EU Catherine Ashton Tomislav Nikolic Aleksandar Vucic

Разговори со Кетрин Ештон

Професорот на Факултетот за политички науки Предраг Симиќ од друга страна оценува дека српските власти би можеле да платат висока цена со прифаќање на неповолен договор со Приштина.

„Цената би била паѓање на популарноста, а можеби и вонредни парламентарни избори. Бидејќи доколку тој договор биде на ниво на кое во моментов се преговорите, дека Приштина не е подготвена да отстапи во главните прашање кои Србија ги бара, а тоа се овластување во областа на извршната, судскатата власт, тогаш тоа веројатно ќе доведе до сериозен пад на популарноста на владата и цената може да биде и пад на владата“, вели Симиќ.

Кое е помалото од две зла?

Професор Симиќ смета дека во овој момент далеку поизвесна е можноста Србија да ја одбие спогодбата со Приштина. „Цената би била губење на изгледите да се добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, што исто така би имало негативни последици. Во тој момент, ќе биде преоставено на Даќиќ, Вучиќ и Николиќ да одберат кое е помалото од две зла. Дали да прифатат неповолен договор и да ризикуваат избори и губење на власта. А досега сите кои распишуваа вонредни избори ја губеа власта“.

Цената е да бидат запишани во историјата како некој кој потпишал, под наводници „губиток на Косово“. Отфрлање на договорот исто така носи ризици, и сега прашање од милион долари е што за нив во моментов е поприфатлива опција, вели Симиќ.

Без подобрувања на теренот

Отворено прашање останува и колку каква било спогодба ќе доведе до подобрување на ситуацијата на теренот.

Јелена Милиќ вели дека не верува во искреноста ниту на српската, ниту на албанската страна.

„Мислам дека ако има политичка волја, а останува и прашањето на политичка сила, и во Белград и во Приштина дури на подолг рок ќе може да се види некаква корист. Тука мора да се има во вид дека она што за едни е од корист, за другите е штета. Мислам дека за многумина почетокот на вистинска примена на спогодбата ќе биде и финансиска штета, и дека тоа секако е единствено големо јадро на отпорот за воспоставување на спогодбата, и од српска и од албанска страна“.

Србија е во незавидна економска ситуација, и оттука не е исклучено поради тоа и да се согласи и на решение за место на Косово во ОН, смета Јелена Милиќ. Тоа во јавноста би можело да се оправда со приказната за моделот за две Германии, вели Милиќ.