1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Шторл е светски шампион во фрлање ѓуле

Давид Шторл победи во Даегу. Фрли 21 метар и 78 сантиметри за златниот медал, прв златен на светските првенства за Германија во фрлање ѓуле.

default

Со последните тактови од исклучително возбудливото финале, Шторл се крена во шампионските височини.

Најмлад меѓу финалистите, 21 годишниот Шторл храбро се фати во костец со комплетната фрлачка елита. Во втората серија фрли 21.60 и долго беше лидер, се‘ до исчекорот на Армстронг од Канада од 21.64. По двете неисправни обиди, Шторл ја покажа својата големина и ментална сила. Кога сите беа на крајот од силите, тој покажа дека може да се биде најмоќен. Како од катапулт излета неговото ѓуле, најдалеку исфрлено во кариерата на 21.78 за историски успех! Шторл, стамениот џин од 199 сантиметри, кусо „одигра“ мал фудбал со златното ѓуле, а потоа истрча кон тренерската трибина да ја подели радоста со својот тренер Свен Ланг.

Шторл потврди дека е нов бисер на германската атлетика. Откако двапати беше светски јуниорски првак во 2008-та и 2009-та година, откако стана светски јуниорски рекордер, брилијантно ја продолжува својата атлетска кариера.  Ова е втор златен медал за Германија на Светското првенство Даегу.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска