1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Штајнмајер го поддржува предлогот на либанската влада

Во рамките на блиско-источната турнеја Штајнмајер вчера престојуваше три часа во Бејрут, каде водеше разговори со премиерот Фуад Синиора и претседателот на парламентот Набих Бери.

Франк Влатер Штајнмајер со премиерот на Либан Фуад Синиора

Франк Влатер Штајнмајер со премиерот на Либан Фуад Синиора

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер денеска се очекува на разговори со израелската влада во Ерусалим. Според неговите најави, тој ќе побара од израелскиот премиер Ехуд Олмерт подобрување на хуманитарната ситуација на југот на Либан.

Франк Валтер Штајнмајер имаше намера да ги увери водечките политичари на Либан да го прифатат предлогот резолуција во Светот за безбедност на ОН. Но, предлозите што двајцата соговорници му ги предочија во тричасовните разговори беа толку уверливи, што Штајнмајер на кусата прес-конференција на крајот од посетата изјави:

„Ја поздравуваме одлуката на либанската влада од вчера вечер да испрати 15.000 војници во јужен Либан. Верувам дека тоа е придонес во насока што на сите нам ни лежи на срце, имено, развој на независен, демократски и силен Либан.„

Овие либански војници би требало да бидат стационирани во кризното подрачје, доколку претходно бидат повлечени 10.000 израелски војници кои оперираат во регионот. Планот од три точки предвидува повлекување и на борците на Хизболах. За ваквиот чекор либанската влада доби поддршка и од министрите кои и‘ припаѓаат на Хизболах милицијата.

Дали ваквите прдлози ќе најдат место во резолуцијата на Советот за безбедност, тоа е друго прашање. Во секој случај неопходна е итна резолуција на Советот, бидејќи состојбата е драматична, оцени шефот на германската дипломатија:

„Со поглед кон Њујорк и разговорите што се водат таму, сметам дека имаме шанса да дојдеме до примирје, што го сметам за итно неопходно. Оваа војна веќе однесе премногу животи, уништи премногу инфраструктура. Хуманитарната ситуација во Либан е важна тема за мене и таа ќе игра важна улога и при утрешните разговори со израелската влада„ – нагласи вчера Штајнмајер.

Проценките на либанската влада оперираат со 1.000 загинати и преку 3.500 повредени. Околу една четвртина од вкупното население на земјата се наоѓа во бегство, а штетите што се причинети од борбите ќе се мерат со милијарди евра. За нивно надокнадување предвидена е веќе донаторска конференција, на која ќе учествуваат повеќе држави. Владата во Бејрут очекува од Германија да помогне со финансиска поддршка и со директна помош во обновата на земјата. Германија би можела да помогне и при размената на заробеници меѓу Израел и Либан.

Во секој случај либанската страна ја оцени кусата посета на германскиот министер за надворешни работи како многу успешна и корисна. Нејзиниот крај меѓутоа дојде одненадеж. Франк Валтер Штајнмајер им се извини на насобраните новинари, посочувајќи дека мора да побрза кон хеликоптерот што треба да го однесе на Кипар.

„Се надевам дека ќе дојдат времиња кога ваквите посети ќе можат полесно да се планираат и договараат, отколку сега, кога зависиме од временски коридори.„

Временските коридори кога може некој хеликоптер да дојде или да замине од Либан, а при тоа да не биде цел на напад, во моментов не ги одредува владата во Бејрут, туку онаа во Ерусалим. Израелската армија решава дури и кој може да му се приближи на Либан по воден пат, како и кој, кога и каде смее да се движи низ земјата по копно. До ваквите наредби на израелските команданти мора да се придржува дури и германскиот министер за надворешни работи!