1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Штајнбрик контра Меркел

Поранешниот германски министер за финансии Пер Штајнбрик ќе биде кандидат на социјалдемократите за канцелар на наредните избори. Шефот на опозиционата СПД, Зигмар Габриел, тоа денеска (28.09.) го соопшти во Берлин.

К-прашањето во германската опозициона Социјалдеморкатска партија (СПД) е решено - шефот на партијата Зигмар Габриел соопшти дека поранешниот министер за финансии Пер Штајнбрик ќе биде врвен кандидат на СПД на претстојните парламентарни избори, наредната година. Партиското раководство во понеделник (01.10) на вонредна седница ќе разговара за ова и ќе го номинира Штајнбрик официјално за кандидат за канцелар. Претходно, Франк-Валтер Штајнмајер, кој е шеф на пратеничката група на СПД во Бундестагот соопшти дека се откажува од кандидатурата за канцелар. Штајнбрик е вистински канцелар за Германија, изјави Штајнмајер пред новинарите. Тој лично, како што соопшти, ќе се ангажира во изборната борба така како да е негова лична. Пер Штајнбрик пак, најави коалицирање со Зелените.

Всушност за кандидат за канцелар требаше да се решава дури на почетокот на наредната година. До пред неколку дена генералниот секретар на партијата Андреа Налес тврдеше дека во предвидениот временски план не се менува ништо. Но притисокот за брзо наоѓање решение околу тоа кој ќе биде предизвикувач на Ангела Меркел за канцеларската функција веројатно стана преголем. Во медиумите ова прашање беше постојано тематизирано.

Спорен и во СПД

Пер Штајнбрик не е неспорна личност во партиските редови. Тој е единствен од раководното трио на партијата кој нема партиска функција. Пред се‘ левото крило ов СПД се критички настроени кон Штајнбрик и го обвинуваат за препријателски однос кон стопанството. Како министер за финансии во времето на големата коалиција во Германија (СПД и ЦДУ) тој се залагаше за дерегулација на банките и дозволи тоа да биде внесено и во коалициониот договор. Истовремено, тој вети дека ќе се залага за „продукт-иновации“ на банките, значи токму за оние зделки кои во меѓувреме од страна на заштитниците на правата на потрошувачите се окарактеризирани како високо шпекулативни и непрегледни.

Deutschland Parteien SPD Peer Steinbrück Pressekonferenz in Berlin Troika

Раководнто трио на СПД - Зигмар Габриел (л.), Пер Штајнбрик (средина), Франк-Валтер Штајнмајер (д.)

Можеби за да спречи натамошни критики поради неговото поранешно залагање за дерегулација на банките, Штајнбрик пред неколку дена се јави за збор со впечатливи тези за финансиските пазари. Притоа, тој предложи посилна регулација на банките, поделба на инвестициските и деловните банки и сопствен чадор за спас за банките. Притоа уверуваше дека неговите предлози не се неговата мапа за конкурирање за кандидатура за канцелар.

ЦДУ на Меркел е опуштена

Првичните реакции во Берлин денеска по објавата дека Штајнбрик треба да биде врвниот човек на СПД кој ќе се бори против Меркел на наредните избори, се различни. Од партијата која е на власт, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Меркел, меѓутоа се шири опуштеност. Раководителот на пратеничката група на ЦДУ Михаел-Гросе-Бремер на Твитер напиша: „Габриел не може, Штајнмајер не сака - остана само еден.“

Ваквата опуштеност на ЦДУ е поткрепена и со актуелните анкети, во кои канцеларката Меркел води. Полит-барометарот на вториот канал на германската телевизија ЗДФ денеска покажува дека Меркел ја има довербата на 53% од избирачите, а за Штајнбрик би гласале само 36% избирачи.