1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Шредер подготвен за компромис спроти самитот на ЕУ

„Патувам денеска за Брисел подготвен за постигнување спогодба„ – изјави утринава во германскиот Парламент, канцеларот Герхард Шредер, при поднесувањето на владината изјава спроти самитот на ЕУ.

Блер, Ширак и Шредер: ќе најдат ли компромисно решение на самитот во Брисел?

Блер, Ширак и Шредер: ќе најдат ли компромисно решение на самитот во Брисел?

„Сепак евентуалниот компромис по прашањето на натамошното финансирање на Унијата не смее да ги надмине реалните можности на Германија„ – вети Шредер пред пратениците.

„Со оглед на кризата околу Европскиот устав би било добро кога од претстојниот самит во Брисел би произлегол сигнал дека ЕУ е способна за дејствување„ – изјави Герхард Шредер во Бундестагот, посочувајќи на барањето компромисно решение околу финансискиот план на Унијата од 2007 до 2013 година. На ова поле главен проблем е британскиот попуст:

„Се се врти околу еден интрумент, за кој мора да кажам неколку збора. Тој инструмент се нарекува британски попуст. Но, за него навистина нема никакво оправдување. Велика Британија се наоѓа на шесто место во ЕУ според приходите по глава на жител. Што се однесува пак до уплаќањето во европските каси по глава на жител, Британците се меѓу последните во Унијата. Проблемот е во тоа што тогаш се договоривме овој попуст да може да биде сменет само со консензус, како и кај многу други финансиски спогодби„ – појасни Шредер пред пратениците.

Позицијата на Германија околу финансискиот план е следната:

„Ние сакаме буџетот на Еу да биде ограничен на 1% од бруто националниот производ. Бевме соочени со барањето на Европската комисија за неговото зголемување на 1,24 проценти, што во бројки би значело од сегашните 22 милијарди бруто во 2013-та година да се најдеме соочени со цели 40 милијарди. Јасно е дека ваква позиција е за нас неприфатлива.„

На седницата на Бундестагот Шредер го бранеше Европскиот устав, што на референдуми го отфрлија Французите и Холанѓаните. Тој се спротистави на позицијата Уставот уште сега да се прогласи за мртов. Шредер се заложи секоја земја да заземе сопствена позиција по ова прашање и на почетокот на наредната година да се извлече биланс на европско ниво. Германската влада се залага да се продолжи со процесот на ратификација на Уставот, бидејќи има голем интерес за обединување на Европа. Истовремено канцеларот посочи дека Германија е за Европскиот устав, кого го ратификуваа и Долниот и Горниот дом на парламентот. Што се однесува до одложувањето на потписот на Претседателот на државата Хорст Келер поради тужбата на опозицијата за проверка на компатибилноста на европскиот со германскиот устав, Шредер порача: Германија рече да за уставот и таа одлука не смее никој да ја толкува поинаку! Конечно, Шредер ја потоври заложбата на Турција да не и се откаже перспективата за членство.

Лидерот на опозицијата Ангела Меркел побара критичка анализа на состојбата околу уставната криза во ЕУ, како и запирање на претераното ширење на Европа. Што се однесува до финансиската криза, Меркел оцени дека е можно постигнување компромис на денешниот самит во Брисел, но при тоа не се во прашање само Британците со нивниот попуст, туку мора да се преиспитаат и аграрните субвенции, на што се противи Франција.