1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Шредер му ја препушта СПД на Минтеферинг - за опозицијата тоа е признание за неуспех

Потреси во Социјалдемократската партија на Германија, која ќе добие нов раководен тим: Герхард Шредер му ја препушта функцијата претседател на Франц Минтеферинг, а со него си заминува и досегашниот генерален секретар на партијата Олаф Шолц. За германската опозиција престројувањата во поголемата од владеачките партии значи признание за неуспех, пред се' на канцеларот.

Со недели тивко и потајно канцеларот и претседател на СПД Герхард Шредер и шефот на фракцијата во Бундестагот Франц Минтеферинг разговарале за ситуацијата и биле согласни: лошото расположение внатре во партијата и мизерните вредности во анкетите на јавното мислење бараат нов почеток. На денешната ненадејно свикана прес-конференција Шредер го објави решението: "За утре, дами и господа, свикав седница на раководството на СПД. Нему ќе му предложам на вонреден конгрес на крајот на март за нов претседател на партијата да го избере Франц Минтеферинг. Јас ќе се концентрирам на мојата работа како сојузен канцелар".
63-годишниот Франц Минтеферинг е поранешен генерален секретар на СПД, го сметаат за омилен во партијата и сега треба да го смири незадоволството во неа од политиката на реформи во социјалата, здравството и на пазарот на работна сила. "Доволно долго ја познавам партијата. Свесен сум дека партијата и фракцијата - потоа ќе ги имам обете функции - ќе мора да се погрижат за социјалдемократијата во Германија да е и да остане способна за владеење, како и оти ние ќе мораме многу доверба повторно да придобиваме", рече Минтеферинг, кој информира дека од функцијата ќе се повлече и досегашниот генерален секретар на СПД Олаф Шолц. Шредер и неговиот наследник најавија продолжување на курсот на реформи.
За опозицијата решението на Шредер е признание за неуспех. "Ова е почеток на крајот на канцеларот. Како може да се води земја како Сојузна Република Германија, ако не може да се води сопствената партија и нејзините членови? Поради тоа, од мој агол на гледање ова е признаие за еден голем неуспех", изјави Ангела Меркел, претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). За шефот на ЦСУ Едмунд Штојбер ова е почеток на крајот на црвено-зелената владина коалиција, либералите побараа нови избори, додека пак Зелените не гледаат опасност за реформската политика со коалициониот партнер.