1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Шредер му даде поддршка на Белград околу реформите

Германскиот канцелар Герхард Шредер денеска е во посета на Загреб. Тоа е последната станица од патувањето на канцеларот, кој вчеравечер разговараше со раководството на Србија и Црна Гора, а претходно ја посети Братислава. Шредер од Белград побара натамошни реформи и вети помош за земјата.

Поддршка на тешкиот реформски процес во Србија и Црна Гора - тоа беше целта на посетата на Шредер на Белград. Првпат по 1985 година еден германски претседател на влада беше гостин во Белград. Фрагилниот сојуз на држави беше темата на разговорите на Шредер со српскиот премиер, Зоран Живковиќ, исто како што стана збор и за неизвесната иднина на Косово, кое е под управа на ОН.

Белград сака да го изоди патот кон ЕУ на долг рок и се надева на договор за асоцијација. Шредер опомена дека се потребни реформи во судството и економијата, како и подобра соработка со меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг, кој меѓу другото бара испорака на поранешни армиски генерали.

Економската состојба е слаба. Шредер сака да помогне каде што е тоа можно.

"Ние сме единствени во ставот дека перспективата на земјата е постојано приближување до ЕУ. Германија е подготвена да ја поддржи ваквата перспектива на приближување, која треба да се преточи во договор за асоцијација. Тоа е помошта што можеме да ја дадеме покрај економските работи, за на земјата да и дадеме перспектива како на важен и неопходен дел на Европа."

Триесетчасовната билц турнеја на Шредер почна со разговорите во Братислава. Меѓу Германија и Словачка сеуште е спорно прашањето на бројот на комесарите во идната Европска комисија. Словачка, која треба да се приклучи на унијата во мај, настојува на тоа секоја земја членка да има по еден евро-комесар. Шредер, како и претходно, смета дека 25 комесари во комисијата би ја направиле работата неефективна. Инаку односите меѓу двете земји се без проблеми.

Денешната посета на Загреб е последната станица на канцеларот. Тој со премиерот Ивица Рачан ќе разговара околу желбата на Хрватска да почне со преговори за прием во унијата уште во 2004 година. Термин за приклучување кој Загреб го посакува е 2007 година.