1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Шредер во Пекинг: средба со претседателот Џинтао и премиерот Џијабао, потпишани 11 договори

Германскиот канцелар Герхард Шредер во Пекинг беше пречекан од шефот на кинеската држава и партија Ху Џинтао "како стар пријател на Кина". Канцеларот придружуван од двајца министри и 40-ина група стопанственици пристигна во тридневна посета на земјата со најмногубројно население на светот. По смената на генерациите во кинеското раководство посетата беше шанса за средба на Шредер со двајцата водечки кинески политичари.
Канцеларот Герхард Шредер и кинескиот премиер Вен Џијабао присуствуваа на потпишувањето 11 билатерални политички и стопански договори. Меѓусебниот дијалог за правната држава е продолжен за натамошни две години, размената на мислења ќе биде проширена и со темата човекови права. Договорено е востановување два нови германски конзулата во Кина, потоа заштита на инвестициите и соработка во поморството, кај обновливите енергии и во сообраќајот. Ќе биде основана и прва германско-кинеска станбена штедилница, Фолксваген ќе ги прошири своите активности, а Рипауер системс ќе гради постројка за добивање струја од енергијата на ветрот. За користење на супер-брзиот воз на магнетно перниче Трансрапид на релација Шангај-Пекинг во должина од 1300 километри не станало збор во разговорите на шефовите на владите. Се смета дека сегашната траса долга 30 километри од Шангај до аеродромот ќе биде продолжена за уште седум километри во таа, и 30 километри во насока кон морскиот брег. Германија се надева дека Трансрапидот на куси и средни, и ИЦЕ- возовите на долги релации можат да се наметнат пред јапонската конкуренција, спрема која постои политички отпор во Кина.
Кинескиот премиер смета дека стопанската размена со Германија годинава ќе достигне 40 милијарди долари - зголемувањето во првите 10 месеци веќе изнесува 49 насто. Германија со удел од 40 насто е најголем трговски партнер на Кина во Европа. Обратно, по САД Кина е втор најголем воневропски трговски партнер на Германија. Вен Џијабао, прифаќајќи ја поканата на Шредер да ја посети Германија, оцени дека односите имаат "солидна база, со иднина која многу ветува".
Шредер му вети на Џијабао дека ќе се заложи во ЕУ за укинување на европското ембарго за оружје за Кина, оти "дошло време за тоа". Ембаргото е последната од санкциите воведени по настаните на Тјенанмен и крвавото задушување на демократското движење во 1989-та година. По Франција, Германија е втора од големите европски држави која категорично се залага за крај на ембаргото.
Шефот на кинеската држава и партија Ху Џинтао во разговорите со Шредер искажа оптимизам во однос на спорот околу Северна Кореја, бидејќи сите заинтересирани биле за мирно решение и за реализација на долгорочната цел Корејскиот полустров да биде безатомска зона. Кина игра улога на посредник во тој спор.