1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Шредер во Кенија

Германскиот канцелар Герхард Шредер од вчера вечер е во посета на Канија, втората постојка на турнејата по африканскиот континент. Неговото доаѓање на чело на 23- члена стопанска делегација се оценува како признание за реформскиот процес што го воведе новата влада во Најроби.

Нешто повеќе од една година во Кенија владее атмосфера на нов почеток. Откако "коалицијата на виножитото" на претседателот Мваи Кибаки го смени од власта автократот Даниел Арап Мои, во тек е напорен процес на демократска трансформација. Посетата на германскиот канцелар во Најроби се смета за признание за исправната насока на реформите, особено со оглед на фактот дека Герхард Шредер е првиот премиер на една европска и воопшто Западна влада, кој доаѓа во Кенија по демократскиот пресврт.

Раила Одинга, министерот за градежништво и една од клучните фигури во новата влада, вака ги објаснува очекувањата:

"Сите Кенијци се среќни што господинот Шредер доаѓа за прв пат во Кенија и се надеваме дека по оваа посета ќе ги прошириме меѓусебните односи."

Одинга е шеф на Либерално демократската партија, најважниот коалиционен партнер во владата на претседателот Кибаки. Тој важи за темпераментен и мудар политичар кој суштински придонесе за соборувањето на стариот режим, а се смета и како најсериозен кандидат за наследник на Кибаки. Тој има исто така добри врски со Германија, каде студирал машинство:

"Ние имаме историски врски со Германија. Многумина Кенијци студирале во Германија и имаме соработка со неа уште од стекнувањето независност. Овде доаѓаат и голем број германски туристи." Важен услов за натамошниот развој на туризмот во Кенија е меѓутоа безбедноста, која во последните години беше повеќепати загрозена од атентати. Така во 1998. Ел Каида ја крена во воздух американската амбасада во Најроби при што животот го загубија повеќе до 200 лица, а пред една година во нападот врз еден хотел во Момбаса загинаа 16. Затоа важна тема на денешните разговори со шефот на државата Кибаки ќе биде натамошната соработка на полето на безбедноста, при што е предвидено германски експерти да ги обучуваат кенијските полицајци, а потесна соработка треба да остварат и тајните служби. Во дипломатскиот багаж на Шредер освен тоа се наоѓа и удвојување на развојната помош за Кенија на вкупно 50 милиони евра, што ќе бидат вложени во конкретни проекти како на пример системот за водоснабдување.