1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Шпрингер“ предизвика медиумски земјотрес со продажба на весници

Издавачката куќа „Аксел Шпрингер АГ“ продава повеќе етаблирани весници на медиумската група Финке. Експертите остро ја критикуваат зделката. Дали се загрозени илјадници работни места?

default

Berlin

„Аксел Шпрингер АГ“ се разделува од неколку весници, меѓу кои магазинот за ТВ програма „Херцу“, хамбуршки „Абендблат“ и берлински „Моргенпост“. Медиумската група Финке, поранешна ВАЦ, ги купила весниците за околу 920 милиони евра.

„Тоа ме изненади, исто како и целата германска медиумска сцена“, коментира портпаролот на Германскиот сојуз на новинари (ДЈВ) Хендрик Цернер, во разговор за Дојче веле.

„Никој не го очекуваше тоа, барем не за весниците на Финке кои Шпрингер ги продава, a кои не носат загуби“, вели Цернер.

Според концернот, кој го издава и дневниот весник „Ди велт“ и булеварскиот весник „Билд“, овие сегменти во минатата деловна година оствариле приход од 512,4 милиони евра, што одговара на околу 15 проценти од вкупниот обрт.

„Стратегијата се чини се движи во насока на ставање на он-лајн активностите во преден план. Со тоа не се мисли само на порталите со вести како bild.de, туку и и со страниците за забава, со кои Шпрингер навистина прави пари“, вели Цернер. Уште сега Шпрингер води неколку онлајн портали како autohaus24, finanzen.net, immonet или Stepstone, како и порталот специјализиран за продажба, idealo.

Дигитална бакалница

Токму оваа ориентација им предизвикува болки во стомакот на луѓето во медиумската бранша. Додека „Вирчафтсвохе“ одлуката на концернот ја смета за „консеквентна во прва линија“, другите имаат помалку пофалби. Уредникот на Зиддојче цајтунг, Курт Кистер, со обраќање до читателите дури се прости од издавачкиот концерн. „Аксел Шпрингер АГ“ е само една дигитална комисионерска продавница, напиша тој. Уредникот на Шпигел, Јанко Тиц, прогнозира дека оваа продажба ќе има последици, „ќе се одмазди“, зашто Шпрингер се простува од новинарството и со тоа од своите корени.

Но, одлуката не наидува само на неразбирање. Продажбата во овој момент носи свежи пари во касата, објаснува дрезденскиот комуниколог, професор Волфганг Донсбах за Дојче веле. Тоа е важно за претстојното свртување кон дигиталната промена на концернот: „Ова се чини како порака: ние долгорочно се свртуваме кон дигиталната сфера, задржуваме навистина печатени продукти, кои спаѓаат кон пазарното јадро, како ’Ди велт’ и ’Билд’, но веќе размислуваме за нашето позиционирање во иднина, во која дигитализацијата ќе напредува“.

Според најновите истражувања на агенцијата Медиа Анализе, бројот на читатели на печатени медиуми се‘ повеќе опаѓа. Се‘ уште околу 45,5 милиони луѓе дневно во Германија посегнуваат по печатен весник, но тоа е еден милион помалку отколку во летото лани. Пред се‘ младите луѓе преминуваат на понудата на бесплатни информации на интернет.

Последици за вработените

Германскиот новинарски сијуз е загрижен најмногу за судбината на работните места.

Wolfgang Donsbach Technische Universität Dresden

Волфганг Донсбах

„Не сакам да ширам паника, но во сегашниов момент не постои гаранција за зачувување на работните места“, вели Цернер. Медиумската група Финке уште во минатите месеци се погрижи за негативни ударни наслови, како при комплетното затворање на редакцијата на „Вестфалишен рундшау“ и отпушањето на 150 уредници. И медиумскиот експерт Донсбах не исклучува затворање работни места:

„Во моментов двете издавачки куќи остануваат со сите вработени, но кога-тогаш ќе се постави прашањето за рационализација, а тоа веројатно ќе биде во областите каде ќе се штеди зашто се најскапи, посебно во персоналот“.

До в лето идната, 2014 година, медиумската група Финке има рок да плати 660 милиони евра. Остатокот од парите Шпрингер го добива како кредит. Но, иако двата партнери се договорија, зделката мора да ја одобри Антикартелската комисија, која треба да реши - дали со ова е загрозена плуралноста.

„Наша скриена надеж е Антикартелската служба да не даде зелено светло“, вели Цернер. Од научен аспект оваа желба е нереална. Професорот по комуникологија Донсбах не верува во спречување на продажбата. Тој смета дека до крајот на годинава ќе биде донесена одлука - и тоа позитивна.