1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Шпанска пролет“ на денот на изборите

Во Шпанија денеска (22.05.) се одржуваат локални избори, но тоа не ги спречи илјадници демонстранти, претежно млади лица, да ги продолжат протестите против владините реформи. Протести има во Барселона, Мадрид, Валенсија.

default

„Шпанската пролет“ влезе и во седмиот ден од протестите и покрај тоа што денеска во земјата се гласа на локалните избори. Десетици илјади луѓе протестираат против очајната состојба во шпанската економија и армијата невработени, и покрај првичната забрана од властите. Најбројни беа протестите во најголемите центри Мадрид, Валенсија и Барселиона. Тие досега минуваа мирно, а властите, сепак покажаа слух со тоа што и` наредија на полицијата да интервенира само во случај на ескалација на насилството.

„Тие нема да го растурат нашиот камп, откако видоа дека поради забраната уште повеќе луѓе ни се придружија. Како се наближуваат изборите, толку е помала шансата да преземат некоја таква акција“, вели еден од демонстрантите.

Ѕвезда-водилка на протестите е есејот „Побунете се“ на францускиот автор Стефан Хесел. Некогашниот борец на францускиот отпор ги поздрави протестите во Шпанија, но и ги критикуваше демонстрантите. Тие не смеат да бидат само против нешто, тие мораат и да бидат за нешто. „Мора да биде јасно за какви промени се залагаат“, изјави Хесел.

Протести без политика

Spanien Demonstration

Демонстрантите досега не излегоа со никакви политички пароли и не критикуваа ниту една од водечките партии. Актуелниот премиер, социјалистот Хозе Луис Запатеро, изјави дека има разбирање за протестите на младите луѓе, и се обврза да бара решение за нивните проблеми. Сепак, неговите социјалисти се очекува да доживеат тежок пораз на денешните комунални избори.

За главен фаворит се сметаат опозициските конзервативци и се очекува нивна убедлива победа. Во прилог им оди и изборниот систем, кој ги фаворизира големите, на сметка на малите партии, иако анкетите во пресрет на изборниот ден покажуваа дека голем процент, околу 40 отсто од Шпанците, нема да излезат на гласачките места.

Шпанија, со повеќе од 21 отсто, е рекордер според процентот на невработеноста во ЕУ, а невработеноста меѓу младите е огромни 45 проценти. Поради големиот надворешен долг, владата воведе драстични мерки на штедење, меѓу кои намалување на платите во јавниот сектор, замрзнување на пензиите и поедноставување на процедурите за отпуштање од работа.

Автор: Борис Георгиевски/дв/афп

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM