1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Шпанската принцеза Кристина мора да се појави пред суд

Шпанската принцеза Кристина, најмалата ќерка на шпанскиот крал Хуан Карлос, е осомничена за затајување данок и за перење пари. Тоа е само уште еден скандал во некогаш омиленото, а сега сѐ понепопуларно кралско семејство.

Истражниот судија Хозе Кастро подготви обвинение на 200 страници, по долга истрага која, според него, потврдила дека 48-годишната принцеза Кристина направила криминални дела. Тој ја повика принцезата да се појави пред судот во Мајорка на 8-ми март, со што го поплочи патот за судски спор без преседан кој се однесува на шпанското кралско семејство. Кристина ќе биде првиот директен наследник на кралот кој се појавува во суд под обвинение за некаков престап.

Spanien Korruptionsskandal Königshaus

Принцезата Кристина фотографирана со својот сопруг Ињаки Урдангарин

Таа се поврзува со бизнисите на нејзиниот сопруг Ињаки Урдангарин, кој се наоѓа под истрага поради обвиненија за злоупотреба на јавни фондови. Адвокатот на принцезата, Мигел Рока, изјави дека ќе поднесе жалба, бидејќи е „апсолутно убеден во нејзината невиност“. Сопругот на принцезата, кој е и поранешен олимпиец и ракометар, беше обвинет за измама, даночно затајување, фалсификување на документи и злоупотреба на шест милиони евра од јавни фондови преку неговата добротворна организација, која организира и бизнис-конференции во Мајорка и насекаде низ Шпанија. Наводно, тој парите од сметките на фондацијата ги префрлал на сметки на приватни компании. Постои сомнение дека Урдангарин наплатувал непостоечки услуги и така ги полнел приватните сметки. Урдангарин ги негираше обвиненијата.

Скандалот со принцезата се случува во моменти на намалена поддршка од населението за кралското семејство. Последна анкета, објавена во неделата (05.01.2014) покажува дека две третини од Шпанците сакаат кралот Хуан Карлос да абдицира по минати 38 години на тронот и него да го предаде на синот, принцот Филипе, кој сепак ужива одредена поддршка во јавноста и не е погоден од скандалот на сестра му. Угледот на кралското семејство беше нарушен и од други скандали, како покажувањето екстравагантност и ицидентот со ловењето слонови на патувањето во Африка во врвот на економската криза во 2012 година.