1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шпанија ќе бара спас под европскиот „чадор“?

Шпанскиот премиер Мариано Рахој во основа е подготвен неговата земја да побара помош од европскиот постојан фонд за стабилизирање. Многу Шпанци ги продолжуваат протестите против курсот на штедење на владата.

Шпанската економија и натаму тоне, брутовнатрешниот производ на задолжената земја паѓа трет квартал по ред, соопшти националната Емисиона банка. Шпанија важи за следен кандидат за помош од европскиот чадор за спас на еврото. Претпоставка за тоа е меѓутоа каматите кои Шпанија треба да ги плаќа за новите кредити да бидат на долготрајно високо ниво, изјави шпанскиот премиер Рахој во интервју за „Вол Стрит Журнал“.

„Можам стопроцентно да ве уверам дека тогаш би замолил за програмата за помош“, изјави Рахој, најавувајќи нова независна институција за контрола на шпанскиот курс на штедење.

Доколку земјата официјално побара помош од европскиот фонд за спас, мора да ги исполни условите кои ги бараат кредиторите од ЕУ, Европската централна банка и ММФ. Шпанија сака да го избегне овој упад во својата буџетска политика, владата нагласува дека самата следи опсежна политика на штедење. Земјата веќе прими ветување за помош од за сто милијарди евра кои се наменети исклучиво за санирање на шпанските банки.

Во Шпанија инаку денеска (26.09.2012) продолжуваат протестите против рестриктивната политика на владата. За време на вчерашните демонстрации  пред парламентот во Мадрид имаше и судири.

Некои од, според проценките, 6 илјади учесници на протестите, ги урнаа барикадите и фрлаа со камења и шишиња врз полицајците. Полицијата употреби гумени куршуми и пендраци против масата. Според властите, биле повредени повеќе од 30 лица, а 22 демонстранти биле уапсени. На протести повикаа различни леви групации и приврзениците на движењето на „незадоволните“.

Под мотото „окупирај го парламентот“, демонстрантите бараа крај на драстичните мерки на штедење, со кои владата на премиерот Рахој девет  месеци се обидува да го стави под контрола гигантскиот буџетски дефицит и повторно да ја врати довербата на инвеститорите.

Демонстрантите ја обвинуваат конзервативната влада дека со својата ригидна политика на штедење ги крши претходно дадените изборни ветувања.