1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Шпанија ја заслужи титулата европски првак

Голот на Торес во 33-тата минута ги закопа надежите на Германците во финалето на Европското фудбалско првенство. По средбата тие спортски признаа дека противникот беше подобар и ја заслужи титулата.

default

Пехарот во рацете на шпанскиот капитен Касиљас

„Германија сепак покажа колку се радува и мислам дека навивачите утре прекрасно ќе го поздрават нашиот тим. Оти, Европското првенство е најквалификуваниот фудбалски турнир на светот, со неверојатна концентрација на квалитет, и тука да се биде во финале веќе значи многу“. Зборовите на канцеларот Ангела Меркел, чие воодушевување за фудбалот е познато од порано, и која и синоќа беше на трибините на стадионот во Виена, заедно со германскиот сојузен претседател Хорст Келер, не се само куртоазна утеха за поразот, туку реално димензионирање на постигнувањето на германскиот национален тим.


Во финалето победи подобриот


Разликата во голови во финалниот дуел можеше да биде и повисока. На германскиот тренер Јоахим Лев му преостана само да му честита на шпанскиот колега Луис Арагонес: „Денеска мораме да го признаеме високиот квалитет на Шпанците, оти играа извонредно, технички одлично. Ние сме, се разбира, разочарани, оти го загубивме натпреварот. Но, и покрај тоа морам да им искажам голем комплимент на моите момчиња - фантастично е она што севкупно го прикажавме во изминативе недели“.

Според говорот на бројките можеби е и точно ова што го рече Лев, но германската селекција играше променливо на првенството. Во финалето само 15-ина минути можеше да се носи со противникот. „Потоа во задните редови недостасуваше малку сила. Турнирот е долг, се надоврза на крајот на сезоната. Беше забележливо: сакавме, но објективно не можевме“ - призна капитенот Михаел Балак.


Германија севкупно добро „се продаде“


Fußball Euro 2008 Finale Deutschland Spanien Angela Merkel und Michael Ballack

Канцеларката Меркел и капитенот Михаел Балак

Само една единствена шанса, редица непрецизни додавања, позициони грешки, недоволна меѓусебна координација - со таква игра Германците немаа никакви реални изгледи против одличниот и ангажиран противник. Капитенот во краен биланс не е незадоволен. „Ако се погледа нивото на тимот, тогаш одлично се прикажавме, иако имаше и по некоја не толку добра игра. Се’ на се’, мислам дека можеме да бидеме горди оти стигнавме до финалето со оглед на тоа каква беше конкуренцијата - Холанѓаните, Италијанците, Шпанците“, оцени Михаел Балак.

Во реалното билансирање на постигнатото мора да се напомене и дека со волјата на жрепката, Германија до финалето и не се состана со ниедна од тие големи екипи.


Шпанците - достојни шампиони


Шпанците беа убедливо најдобар тим во текот на целото првенство, со константен квалитет, без слаби точки во тимот. Во финалето играа и без најдобриот напаѓач Давид Вилја, но неговото отсуство не се ни забележа - другите го надоместија. Оттука, со право ја носат дома првата голема титула освоена по цели 44 години и ги заслужија честитките од кралот Хуан Карлос, кој во придужба на сопругата и на шпанскиот премиер Хосе Луис Родригес Сапатеро го следеше финалниот натпревар во Виена.

DW.COM