1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шпанија тоне се’ подлабоко во рецесија

Шпанската рецесија се продлабочи во второто тримесечје од оваа година, информираше денеска Шпанската централна банка. Регистрирано е намалување на потрошувачката и пад во Бруто домашниот производ од 0,4 проценти.

Денешните податоци покажуваат дека шпанската економија тоне се’ побрзо и оти трошоците за долгорочни заеми се искачени на опасно високо ниво. Во првиот квартал од годинава шпанската економија падна за 0,3 проценти, а во вториот за дополнителни 0,4 проценти. Шпанската влада уште во петокот (20.07.) објави дека рецесијата во земјата ќе продолжи и следната година.

Шпанските власти се обидуваат да се справат со невработеноста од 24 проценти, а во исто време се обидуваат да го стабилизираат погодениот банкарски систем и проблематичните јавни финансии.

Владата во Мадрид неодамна објави масовни кратења на трошоците и други мерки за стабилизирање на јавните финансии, но се чини дека програмата за штедење само донесе шпекулации оти на Шпанија ќе и’ треба целосен пакет помош од ЕУ и ММФ. Бидејќи шпанската економија е поголема од грчката, ирската и португалската заедно, во ЕУ расте загриженоста дека спасоносните мерки можеби нема да бидат доволни за справување со кризата, посебно ако и Италија има проблеми.

Инвеститорите се скептични дека шпанската влада може да се справи со долговите во време на рецесија. Шпанија е заглавена во рецесија вторпат во три години. На 13-ти јули годинава беше формиран фонд за 17-те шпански региони во кој има капитал од 18 милиони евра. Валенсија и Мурсија се последните два региони кои бараат парична помош од официјален Мадрид. Многу шпански региони се во рецесија и не можат самите да подигнуваат пари.