1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шпанија повторно во рецесија

Шпанија денеска и официјално потврди дека е во рецесија, по вторпат во последните три години.

Во првото тримесечје од годинава, стопанската активност во земјата се намалила за 0,3 отсто во однос на претходните три месеци.

Иако стапката на пад на шпанската економија е помала од очекуваното, Шпанија официјално влезе во рецесија, бидејќи и во претходниот квартал имаше негативна стапка на раст.

Загриженоста поради слабоста на стопанството и буџетскиот дефицит ги зголеми трошоците на задолжувањето на Шпанија и ги поттикна стравувањата дека на државата можеби и е потребна странска помош.

Агенцијата Стандард и Пурс пред неколку дена дополнително го намали рејтингот на Шпанија за два степена, поради зголемувањето на буџетскиот дефицит, проблемите во банкарскиот систем и лошите економски прогнози.

Агенцијата денеска го намали и рејтингот на девет шпански банки. Со намалување на рејтингот погодени се банките „Сантандер“ и нејзината филијала „Банесто“, ББВА, „Банко Сабадел“, „Иберкаха“, „Кутксабанк“, „Банка Сивика“, „Банкитер“ и шпанската филијала на британската банка „Барклиз“.

Десетици илјади луѓе вчера протестираа ширум земјата поради владините мерки на реформи и штедење.