Шпанија и Каталонија имаат комуникациски проблем | Свет | DW | 12.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шпанија и Каталонија имаат комуникациски проблем

Недостатокот на дебатна култура во Шпанија го отежнува изнаоѓањето решение за кризата со каталонската независност. И тоа е повеќе од државен проблем. Двете страни не разговараат меѓусебе, смета Штефани Милер

Неодамна починатиот Вулф Бернотат, поранешниот директор на германскиот енергетски гигант Е.ОН, откри од прва рака колку збунувачка може да биде комуникацијата во Шпанија. Двојните стандарди на приватно и професионално ниво се сосема нормални и воопшто не се сфаќаат како навреда.
Бернотат пристигна во Шпанија во 2006 година со намера да го преземе ривалот Ендеса, компанија која веќе беше цел на каталонската Гас Натурал. За време на преговорите, Германците ги ставија сите свои карти на маса. Но, другата страна се коцкаше- понекогаш затоа што немаше план, во други моменти затоа што не беше подготвена да донесе одлука. Се вмешаа и други страни и Бернотат на крајот мораше да се повлече од тешката битка. Една од главните причини беше што едноставно не ја разбираше шпанската култура.

Дефицитот на шпанскиот политички систем

Но, не се само странците тие кои се соочуваат со овој проблем. Дури и Шпанците честопати не се разбираат меѓусебно. Она што некој го вели и го мисли, често се две сосема различни нешта. Неефикасноста на ваквиот начин на комуникација станува очигледна во каталонската криза, која станува сѐ понадреална. Каталонскиот регионален претседател Карлес Пуџдемон најави дека иако добил мандат со референдумот да се одвои од Шпанија, сепак ќе ја суспендира декларацијата за независност.
Одговорот на Мадрид на неговиот говор не можеше да биде понејасен. Изјавите на премиерот Маријано Рахој во парламентот- неговото прво појавување од денот на гласањето во Каталонија- оставија многу неодговорени прашања.
Рахој повеќе пати повтори дека референдумот бил нелегален и дека неговата влада постапила целосно исправно- и дека Каталонија нема да стане независна држава. Некои медиуми ја протолкуваа изјавата на Рахој како намера да се активира членот 155 од Уставот кој му дава право на Мадрид да ја преземе контролата врз некој регион. Шпанскиот премиер го праша Пуџдемон дали прогласил независност. Мадрид ќе постапува во зависност од одговорот од Каталонија.

Stefanie Müller Kommentarbild (Stefanie Müller)

Штефани Милер

Несигурност за економијата

Директноста и транспарентноста често недостасуваат во шпанската култура. Политичарите понекогаш имаат проблем објективно да дискутираат за некои проблеми. Гледањето настрана е често методот за решавање на проблемите. Во каталонскиот конфликт, овие фактори креираат чувство на несигурност кое ги брка инвеститорите од регионот, а во одредени случаи, и од земјата. Француската осигурителна компанија „Акса“ во средата најави дека се сели во Билбао. Шпекулациите во финансиските кругови говорат дека- откако каталонските банки „Кашабанк“ и „Сабадел“ веќе ги преселиле своите седишта- се случува егзодус на капиталот; а паралелно и бојкот на каталонски производи.

Ќе функционира ли присилен дијалог?

Со години, Маријано Рахој, кој е по потекло од Галиција, преферираше да го врти погледот од проблемите во Каталонија. Сега, кога веќе е речиси предоцна за дијалог, Рахој мора да изнајде начин за разговор, за да избегне да си го ископа сопствениот политички гроб. Опозицијата во парламентот го бара тоа од него, исто како и меѓународната заедница која ги виде сликите од полициското насилство на 1 октомври во Барселона.
Рахој знае дека повеќе не може да оди по „галицискиот пат“, како што правеше во минатото. Галицијците се познати како неодлучни луѓе. Шпанскиот премиер ќе мора да излезе од својата куќарка и покаже што умее. Ѕиркањето од внатре веќе не е доволно. Тој ќе мора да се соочи со конфликтот во неговата земја директно а не, како во минатото, кукаквички да се крие зад шпанскиот устав. Сега ќе мора да го реформира Уставот доколку сака да остане на власт.

 

DW.COM