1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шпанија е светски шампион во фудбал

Шпанија успеа! Во финалето на ФИФА СП во фудбал, Шпанците беа подобри од Холанѓаните и по тешкиот натпревар успеаја да се изборат за златниот пехар, првпат во историјата на светските првенства.

default

Пехарот во рацете на Шпанците

Победничкиот гол го даде Андрес Иниеста во второто продолжение и со тоа европскиот шампион стана и светски првак. Златниот пехар на ФИФА првпат оди во рацете на Шпанците. „Чувството е неверојатно. Требаше да се вложат големи напори, воопшто не беше лесно. Меѓутоа, да се победи на едно СП е навистина неспоредливо чувство“, изјави по натпреварот стрелецот на голот за Шпанците, Иниеста.

Fußball WM Finale Spanien Niederlande Weltmeisterschaft

Се` на се`, натпреварот не беше од поубавите. Но, ако некој сака да знае како да се избори со Шпанците, кои се толку сигурни во поседот на топката, тогаш може да научи нешто од играчите во портокалово. Со голема агресивност во првото полувреме, Холанѓаните вршеа голем притисок врз Шпанците. Ретко која од екипите добиваше шанса за погодок. Наместо тоа, преовладуваа тешки фаули и многу жолти картони.

Како казна за неискористените шанси, дојдоа двете продолженија од по 15 минути, кога играта конечно стана малку подобра. Пред се`, Шпанија создаде неколку можности за погодок, но и тие пропаднаа. На почетокот од второто продолжение, големиот број жолти картони ја однесоа и првата жртва - Холанѓанецот Хеитинга го доби десеттиот жолт картон на натпреварот, кој воедно беше и втор за него, по што мораше да го напушти теренот, а портокаловите останаа со десет играчи.

Гол во продолжението

Fußball WM Finale Spanien Niederlande Weltmeisterschaft

Разврската дојде кратко пред крајот на второто продолжение: во комбинација со Фабрегас, Иниеста не му остави шанса за реагирање на холандскиот голман Стекеленбург. Шпанците и нивниот тренер конечно имаа причина за славење: „Натпреварот беше тежок, а победата тешко освоена. Меѓутоа, ние имаме фантастични играчи, кои успејаа да се пробијат. Во првото полувреме бевме нешто повлечени. Мислам дека можевме да искористиме некоја од шансите, меѓутоа на крајот мислам дека победата е заслужена“, истакна тренерот на шпанската репрезентација, Винсент дел Боске.

Fußball WM Finale Spanien Niederlande Weltmeisterschaft

Кај противникот, нормално, големо разочарување. За Нигел де Јонг не беше никаква утеха одличниот успех што го постигна неговиот тим и освоеното вицешампионско место: „Разочарувањето е сепак големо. Дадовме се` од себе и се обидовме да победиме. Сега мораме да ја кренеме главата и да гледаме кон иднината.“

Ова е третпат Холандија да стигне до самото финале на едно СП во фудбал, и третпат не успева да го освои покалот. За разлика од нив, пак, Шпанците првпат се најдоа во завршницата на мундијалот и ја претворија во прв триумф.

Автор: Андреас Цимонс/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM