1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шпанија: Десетици илјади протестираат против мерките за штедење

Жешката есен во Шпанија почна - во Мадрид десетици илјади луѓе демонстрираат против политиката на штедење на владата. Тиe бараат да соодлучуваат по прашањето - дали земјата да оди под чадорот за спас.

На таканаречениот „Марш кон Мадрид“ денеска (15.09) пристигнаа осум поворки со демонстранти од сите региони на Шпанија. Десетици илјади луѓе на плоштадот Колумбо протестираа жестоко против курсот на штедење на владата на премиерот Маријано Рахој. Организаторите на протестите соопштија дека на демонстрациите учествувале повеќе стотици илјади луѓе. Властите зборуваат за само 65.000 демонстранти. Собирот, според надлежните, минал без поголеми инциденти.

На демонстрациите под мото „Тие сакаат да ни ја уништат земјата. Тоа мора да го спречиме!“ повикаа околу 150 организации. Тие бараат одржување референдум околу мерките за штедење донесени во изминатите месеци. Конзервативната влада на Рахој е обвинета дека со „антисоцијалните и авторитарни“ мерки ги прекршила сите изборни ветувања. Организаторите на протестите, освен тоа, во својот манифест бараат одржување референдум околу тоа дали владата треба да побара итна помош за целата шпанска економија. Според нивно мислење, Португалија, Грција и Ирска во моментов се наоѓаат во многу полоша состојба отколку што им била состојбата пред да побегнат под евро-чадорот за спас.