1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Шпанија ги доживеа најголемите демонстрации во својата историја

Во знак на протест поради терористичките напади, според полицијата, синоќа во целата земја на улица излегоа речиси 11,5 милиони луѓе

Мирни демонстрации во Мадрид

Мирни демонстрации во Мадрид

Преку два милиона луѓе во Мадрид и покрај силниот дожд се собраа во центарот на градот и продефилираа кон железничката станица Аточа во чија близина беа извршени бомбашките напади врз возови од градскиот железнички сообраќај. “Ние сите го чувствуваме истото, како и самите да бевме во возовите вчера. Нема зборови за тоа”. “Немам зборови да ги опишам моите чувства зашто... многу луѓе загинаа вчера” – рекоа граѓани од поворката.

Меѓу демонстрантите беа и шпанскиот премиер Хозе Мариа Азнар, премиерите на Франција и на Италија Рафарен и Берлускони, претседателот на Комисијата на ЕУ Романо Проди, германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер. За прв пат на една ваква манифестација земаа учество и членови на кралското семејство предводени од принцот-престолонаследник Фелипе. Протестни маршови имаше и во Барселона со околу 1 милион и 200 илјади учесници, потоа во Севилја, Сарагоса и Виго. Во Барселона демонстрантите им довикувале “убијци” на министерот за економија Родриго Рато и екс-министерот за надворешни работи Хосеп Пике, по што тие предвремено ја напуштиле протестната манифестација. Мото на сите собири беше “Со жртвите, со уставот, за победа против тероризмот”.

Во меѓувреме е завршена аутопсијата на речиси 200-те жртви на нападите. 40 се толку осакатени, што се‘ уште не можеле да бидат идентификувани и ќе биде неопходна генетска анализа. Во нападите врз 4 возови настрадаа граѓани на Шпанија и на уште 12 други земји.

Истрагата се‘ уште нема дефинитивни сознанија околу сторителите на терористичкиот акт. И натаму сомневањата се насочени кон илегалната баскиска терористичка организација ЕТА. Шпанскиот министер за внатрешни работи Анхел Асебес соопшти дека демонтираната бомба во еден дел од багажот извлечен од погодените возови укажува на ЕТА. Но, од нејзините редови со анонимни телефонски повици се отрфрла секаква одговорност за ова крвопролевање. Американскиот претседател Џорџ Буш не исклучува ниедна од обете можности: “Ние се‘ уште не знаеме кој го стори тоа. Не исклучувам ноиедна трага”. Тој претходно најостро ги осуди нападите и порача:“Америка стои цврсто на ваша страна”.

Антитерористички експерт на американската влада се сомнева во вистинитоста на писмото до лондонскиот весник “Ал Кудс ал Араби”, со кое терористичката мрежа Ал Каеда ја презеде одговорноста за нападите. На железничките станици во САД се зголемени мерките за безбедност. Тоа го сторија и Франција, Италија и Полска.

Во Германија не се планираат дополнителни мерки: “Сега нема причина ни повод за заострување на безбедносната состојба во Германија” – смета канцеларот Герхард Шредер. Тој не гледа причина ни за промени во законодавството, но смета дека во борбата против тероризмот се нужни построг прогон и поостри казни. Магазинот “Фокус” тврди дека на почетокот на февруари германските туристички претријатија добиле писма со предупредување од ЕТА за планирани напади врз туристички цели. Германската сојузна криминалистичка служба проценува дека нападите во Мадрид се можеби почеток на нова голема офанзива на ЕТА.