1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шпанија во вител на кризата?

Дали Шпанија сепак ќе мора комплетно да се засолни под европскиот чадор за спас? Се множат навестувања за тоа. Мадрид итно и‘ стави на располагање помош на загрозената „Банкиа“.

Загрозената шпанска банка „Банкиа“ доби од државата помош од 4,5 милијарди евра. Парите се ставени на располагање и можат веднаш да се користат, за да се постигне израмнување на загубите кои финансиската институција ги објави минатата недела, соопшти Фондот за спас на банките во Мадрид. „Банкиа“, која во мај беше подржавена, во првата половина од оваа година забележа минус од 4,45 милијарди евра.

Шпанија е зафатена со економска криза по крахот на пазарот на недвижности кој се случи во 2008. година. Банките во земјата се наоѓаат на планина гнили кредити од околу 150 милијарди евра. Во јуни еврозоната вети помош од стотици милијарди евра заради поддршка на целокупниот загрозен шпански банкарски сектор.

Но, покрај банкарскиот сектор, се чини се јавува и друг „болен“ во Шпанија. По провинциите Валенсија, Каталонија и Мурсиа, сега и Андалузија ја замоли владата во Мадрид за финансиска помош. Андалузија побара итна државна помош од една милијарда евра за да може да ги плаќа сметките. Тоа ја отвора дилемата, дали сепак нема да биде потребно „лекување“ на целата земја, Шпанија, а не само на нејзиниот банкарски систем.