1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шојбле и' порача на Грција да продолжи со штедењето

Германскиот министер за финансии во Атина им порача на грчките власти дека немаат друг избор освен да продолжат со реформите. Шојбле ги пофали досегашните напори на владата.

Иако важи за еден од најомразените странски политичари во Грција, Волфганг Шојбле доби срдечен пречек од политичарите и бизнисмените во Атина. На топлиот пречек, Шојбле возврати со многу пофални зборови за Грција за време на говорот пред германско-грчката трговска комора, изјавувајќи дека е „импресиониран од постигнатото во земјата“ и дека се сторени „големи чекори во правец на излез од кризата“.

Но, од друга страна, германскиот министер за финансии уште еднаш јасно укажа дека зацртаниот пат на штедење и реформи нема алтернатива. „Нема друг пат доколку сакате да постигнете одржлив развој“, рече Шојбле. Притоа ги наброја модернизацијата на пазарот на трудот и на системот за социјална заштита, како и реформите на правниот и на даночниот систем.

Шојбле јасно им порача на тамошните политичари да се откажат од идејата за нов отпис на долгот. „Мојот совет е да не продолжувате со таа дискусија. Уште еден отпис на долгот над границата од 53 проценти за приватниот сектор е неизводлив“.

Стап и морков

Повеќе од 90 проценти од грчкиот долг во меѓувреме е во рацете на официјални кредитори како еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд. Тоа значи дека секое натамошно отпишување на долгови ќе оди директно на товар на земјите од еврозоната.

Гостинот, сепак, не дојде со празни раце во Атина. Неговиот „подарок“ за очајната грчка економија е основање на „фонд за развој на мали и средни претпријатија“, кој ќе има почетен капитал од 500 милиони евра.

Wolfgang Schäuble Besuch Griechenland Athen Juli 2013

Шојбле (во средината) со грчките министри за финансии и развој Стурнарас и Хацидакис

 За претседателот на германско-грчката трговска комора Михалис Маилис ова е добра одлука. „По 6 години рецесија грчката економија има големи проблеми со ликвидноста“, рече Маилис, кој смета дека оваа иницијатива ќе им помогне и на грчките банки кои се заслабнати по рекапитализацијата. Но, според експертите, прашање е дали сумата од 500 милиони евра може многу да им помогне на грчките фирми. Според најновата студија на консалтинг фирмата Оливер Виман, поради рецесијата ликвидноста на грчката економија опаѓа за 15 милијарди евра годишно, една огромна сума неспоредлива со промовираниот фонд кој ќе обезбеди 500 милиони евра.

Посетата на Шојбле на Атина се случи еден ден откако грчкиот парламент го изгласа законот со кој треба да се овозможи отпуштањето на илјадници вработени во јавните и државната служба, за да се обезбедат натамошни 7 милијарди евра помош од кредиторите. Новите мерки повторно извадија на улиците илјадници незадоволни Грци кои ги сметаат за премногу ригорозни и неправедни. Невработеноста во земјата во меѓувреме достигна 27 проценти, животниот стандард е во слободен пад, а единствено што расте во земјата е бројот на самоубиствата на очајните граѓани.

Дел од Грците ја обвинуваат Германија за острите мерки кои и беа наметнати на земјата, а и самиот Шојбле е неретко директна мета на критики. За време на неговата посета во Атина беа распоредени повеќе од 3.500 полицајци, а демонстрациите во градот беа забранети.