1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шојбле: Европа мора да остане силна

Во Давос годинава многу се говори за правда. Само со солидарност е можно одржливо стопанство, гласи оценката. Во разговор за Дојче Веле, германскиот министер за финансии Шојбле објаснува што значи таа солидарност.

Министерот за финансии Волфганг Шојбле, кој годинава ја претставува Германија на Светскиот економски форум во Давос, некако не се вклопува во приказната за солидарноста. Тој беше личноста која им наметнуваше остри мерки за штедење на земјите во криза. Недостаток на солидарност е токму најчестиот коментар на таквата негова политика.

Во разговор со генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург, министерот ја брани таквата политика.

„Солидарноста не значи дека постојано треба да трошите пари кои ги немате. Тоа значи повеќе долгови. Солидарноста значи решавање на проблемите и суверено објаснување зошто таквата политика е исправна“.

Шојбле смета дека неговиот план за штедење бил исправен. Така на пример, Шпанија успеа да се извлече од најдлабоката криза и повторно да позајмува пари на пазарот на капитал. Земјата успеа да ја врати довербата на финансиските пазари токму поради мерките за штедење, и со тоа треба и да продолжи.

„Европа не мора да биде како Германија. Но Европа мора да остане силна доколку сака да игра некоја улога во глобализираниот свет. Доколку сака да ги сочува своите високи барања за социјална сигурност, ќе мора да сочува барем минимална конкурентност во однос на другите региони“, вели Шојбле.

А како ќе изгледа иднината, тоа во Давос не ги интересира само Европејците. Конечно, во глобализираниот свет, насекаде се чувствува дали еден така голем економски простор како Европа е во големи проблеми или пак напредува и бележи раст.