1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Шокантните слики на кутиите за цигари стануваат обврска

ЕУ има намера да го направи пушењето цигари неатрактивно и за таа цел Европскиот парламент денеска (08.10.) со големо мнозинство изгласа обврска за ставање шокантни слики и големи предупредувања на кутиите за цигари.

Европските парламентарци дадоа зелено светло за шокантните слики и предупредувањата на пакувањата за цигари, но сепак малку ги ублажија предлозите на Европската комисија во овој дел. Имено, предупредувањата треба да заземат 65% од предната и задната страна на кутиите за цигари, а не 75% како што предлагаше Европската комисија. Во моментов предупредувањата заземаат 30% од предната страна и 40% од задната страна на кутиите.

Европарламентарците денеска определија и неколкугодишен преоден период за забрана на цигари со ароми, како ментол, чоколадо или ванила. Се заоструваат и правилата кои се однесуваат на електронските цигари. Производителите во иднина имаат обврска да ја обелоденат содржината на течноста со никотин која се користи за ваквиот вид цигари.

EU-Parlament Abstimmung Tabakrichtlinien Schockbilder

ЕУ има намера да го направи пушењето неатрактивно

Сега преговарачи на Европскиот парламент и претставници на земјите членки на ЕУ треба уште да ги договорат деталите околу новата регулатива. Владите на земјите членки имаат време од две години да го прилагодат националното законодавство со новата насока зададена од Европа, па се смета дека новата регулатива ќе стапи во сила најрано во 2016 година.

Од последици од пушењето цигари во ЕУ годишно, според проценките, умираат по 700.000 луѓе. Еврокомесарот за здравство Тонио Борг рече дека тоа значи оти годишно „снемува“ цел еден град „со население колку што има Краков во Полска или Палермо во Италија“. Анкетите покажуваат дека 75% од населението на ЕУ е „за“ големи предупредувања на кутиите за цигари.