1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Шлемер - најзабавниот противкандидат на Меркел

Oсумнаесет насто Германци би гласале за него. Се вика Хорст Шлемер и е германски пандан на Борат и Бруно, филмските ликови на Саша Барон Коен. За среќа на политичарите, Шлемер само на филм се кандидира за канцелар.

default

Изборниот или подобро кажано филмскиот плакат за „Се кандидирам“

Германија е среде кампањата за парламентарните избори што ќе се одржат на крајот од септември. И додека главните германски партии спроведуваат, може слободно да се каже, непривлечна кампања, еден предизвикувач на Ангела Меркел за функцијата германски канцелар ги освојува срцата на милиони Германци. Но на големо жалење на многумина, тој го предизвикува политичкиот естаблишмент само во филм кој вчера (20.08.2009) почна да се прикажува во германските кина. Човекот за кој станува збор е Хорст Шлемер, филмското алтер- его на еден од најпознатите германски комичари, Хапе Керкелинг.

Wahlkampf in Deutschland Flash-Galerie

Сцена од филмот во која Шлемер учествува во телевизискиот дуел со канцеларката Меркел

Глупаво искрен, но привлечен

„Се викам Хорст Шлемер и сакам да станам наредниот германски канцелар“ , вели ликот во филмот „Се кандидирам“ на комичарот Хапе Керкелинг.

Шлемер е речиси се’ што мрази една жена. Средовечен маж со секогаш масна коса, несредени мустаќи, грозни заби и старомодна облека. Овој локален новинар кој изгледа чудно се обидува да освои гласови за својата новоформирана партија со бесмислени политички пароли. Германците меѓутоа го обожуваат, и изгледа како да не можат да направат разлика меѓу комичарот и ликот што го игра.

„Хорст Шлемер ќе биде перфектен канцелар на Германија. Тој ни треба“.

„Хорст Шлемер е навистина кул и секогаш го кажува она што го мисли. Можеби луѓето токму тоа го сакаат кај него. Тој е глупаво искрен“.

Како на пример, на прашањет- дали има решение за економската криза?

„Немам решение. Меѓутоа сигурен сум дека полошо од оние што сега го прават тоа не можам да бидам ни јас“.

Шлаканица за многу политичари

BdT 06.08.09 Hape Kerkeling kandidiert als Horst Schlämmer

Хапе Керкелинг веќе со години ги воодушевува Германците со своето „второ јас“- Хорст Шлемер

Според анкетата на германскиот Форса институт, дури 18 насто од Германците би можеле да замислат да гласаат за Хорст Шлемер, доколку неговата партија реално би постоела. Ова е вистинска шлаканица, особено за трите главни опозициски партии во земјата, кои можат само да сонуваат да освојат 18 проценти од гласовите на изборите на крајот на септември.

Во кампањата за промоција на филмот Хапе Керкелинг на прес-конференции и во гостувања на телевизиски емисии во кожата на Хорст Шлемер ја претставуваше изборната програма на неговата партија. Меѓу изборните ветувања е безусловна плата од лулка до гроб за сите Германци, како и бесплатни посети на солариумите за сите. И нешто друго што треба да знаат избирачите?

„ Како прво, сакам да истакнам дека Партијата Хорст Шлемер се залага за правда и се разбира за слобода и да, за еманципација на жените. Но го заборавив остатокот од вашето прашање“, реагираше Шлемер на прашањето на Дојче веле.

Многу врвни политичари во Германија можеби си ја „удираат главата“, прашувајќи се зошто господинот Шлемер е многу попопуларен од нив во моментов. Овој Берлинчанец можеби има дел од одговорот:

„ Можеби тие треба да размислат за тоа зашто јавноста не ги сфаќа сериозно. Можеби им треба повеќе хумор кога одвреме навреме говорат за себе“.

Автор: Харди Граупер/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска