1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шлаканица за владејачката коалиција на Ангела Меркел

Резултатот од покраинските избори во Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц гласи: пораз на црно-жолтите (ЦДУ, ЦСУ и ФДП) во Баден Виртемберг, катастрофа за либералите во Рајнланд Пфалц и спектакуларна победа на Зелените.

default

Голема радост во партиското раководство на Зелените

Во Берлин по покраинските избори во Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц владее единствен став дека темата што беше одлучувачка за исходот на изборите е - атомската политика. Катастрофата во Јапонија владееше со дебатите и со однесувањето на избирачите на југоистокот на Германија, велат претставниците на сите партии. Модифицираниот став на канцеларката Ангела Меркел, која стави тримесечен мораториум врз работата на седумте најстари атомски центарли во Германија, не ги убеди граѓаните, призна генералниот секретар на ЦДУ, Херман Грое:

„ Мислам дека решавачки е што изборите се одржаа толку бргу по страшниот настан во Јапонија. Не можевме да ги убедиме луѓето дека ова решение не се должи на изборната кампања, туку на настаните во Јапонија и последиците од тие настани за енергетската политика. Времето за тоа беше прекратко.“

Landtagswahlen Stefan Mappus CDUam 27.03.11

По 58 години власт на ЦДУ, покраинскиот премиер Штефан Мапус ќе мора да им ја предаде власта на СПД и Зелените

Славје кај Зелените

Сојузната канцеларка Ангела Меркел беше единствениот шеф на партија кој не се појави на дебатите во Берлин по покраинските избори вчеравечер (27.03). Во партиската централа на ЦДУ владееше нерасположение. Сосема поинаку беше кај Зелените. Во нивното седиште се славеше. Партискиот шеф, Клаудија Рот, се радуваше поради сензационалниот резултат на партијата во Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц:

„Ова е навистина извонреден успех на Зелените. Ова е ден кој трајно ќе го промени политичкиот мозаик во Сојузна Република Германија. Се разбира, овој ден и исходот од изборите е голема шлаканица за политиката на црно-жолтите, која не е ориентирана кон иднината.“

Landtagswahlen SPD Kurt Beck am 27.03.11

Покраинскиот премиер на Рајнланд Пфалц, Курт Бек (СПД) останува на власт со помош на Зелените

Големи загуби за Либералите

Задоволство има и кај социјалдемократите, иако мораа да претрпат загуби во девет покраини. Генералниот секретар на СПД Андреа Налес резултатот од изборите го оцени како шлаканица за коалицијата во Берлин:

„Може да се каже дека црно-жолтите се готови. Госпоѓа Меркел ги прогласи овие избори за судбински и тоа сега ќе ја запечати нејзината судбина. Среќни сме и се радуваме поради ваквите резултати.“

Особено болни изборните резултати беа за либералите (ФДП). Генералниот секретар Биргит Хомбургер, која како претседател на огранокот на ФДП во Баден Виртемберг мораше да се соочи со големи загуби, изјави:

„Ова е разочарувачки резултат. Се разбира дека се надевавме на повеќе. Една единствена тема, атомската енергија, прекри се‘ и доведе до емоционализирање на изборната борба, што сега се одразува на изборните резултати.“

Deutschland Wahlkampf Rheinland Pfalz FDP Guido Westerwelle

Тешки времиња за лидерот на Либералите Гидо Вестервеле

Левицата не успеа да обезбеди места во парламентите

За личните консеквенци по изборите Хомбургер вечерта по изборите не сакаше да се изјасни, исто како и министерот за економија Рајнер Бридерле, чиј огранок на ФДП во Рајнланд Пфалц не успеа да го мине цензусот за влез во покраинскиот парламент. Лидерот на либералите на сојузно ниво, Гидо Вестервеле, уште пред да бидат затворени избирачките места, отфрли можност за евентуална своја оставка.

Партијата на левицата не успеа да влезе во парламентите во ниту една од двете покраини. Претседателот на партијата Клаус Ернст, сепак, не сака да се обесхрабрува:

„Овој резултат нема да го оценуваме како катастрофален, туку ќе го вреднуваме како ’одиме натаму’. Застапени сме во 13 покраински парламенти, во три не сме, но и тоа ќе биде.“

Автор: Бетина Маркс/ Елизабета Милошевска Фидановска

Редактор: Симе Недевски

DW.COM