1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Широка поддршка од Европскиот парламент за почеток на преговори на Македонија со ЕУ

Комисијата за надворешни работи на ЕП со широко мнозинство ја усвои финалната веризија на предлог резолуцијата за напредокот на Македонија. Европратениците извршија околу 60 амандмански промени.

default

Во резолуцијата чија официјална верзија се’ уште не е изготвена, со оглед на големите промени на истата, останува препораката формулирана од британскиот парламентарец Ричард Хауит со која се повторува повикот до Советот на ЕУ да утврди во најкраток рок, датум за почеток на преговори за прием на Македонија. Истовремено се подвлекува и важноста да се поддржат напорите во процесот на европската интеграција на земјата, за што европратениците предлагаат да се премине во нова етапа, со започнување на процесот на хармонизација на (македонското) законодавство со европското и спроведување на втората фаза од процесот за стабилизација и асоцијација.

Имено, од вкупно 164 амандмани, шеесетина од нив станаа 21 копромисни решенија, а беа усвоени уште четирисетина други амандамани.

Одлагањето на преговорите предизвикува легитимна фрустрација

Новата верзија на резолуцијата забележува дека одлуката на Советот да не ги следи препораките на Комисијата и на Парламентот за почеток на преговори, „предизвика легитимна фрустрација и незадоволство во јавното мислење на земјата“.

Во неа е истакната и важноста на самитот на НАТО во Чикаго во мај и на ЕУ во март годинава, како значајна прилика за да се постигне напредок во евро-атлантските интегративни процеси. Тука на инсистирање на грчките европратеници е вметнат делот во кој се потсетува на изјавата на Генералниот секретар на НАТО дека на Македонија ќе и биде испратена покана за членство, откако таа ќе најде взаемно прифатливо решение за спорот со името.

Пресудата од Хаг како нов елан во преговорите

Во однос на пресудата од Меѓународниот суд од Хаг, европратениците сметаат дека таа треба да даде нов елан во напорите за решавање на спорот под покровителство на ООН, со повик двете страни да ја почитуваат пресудата и да го интензивираат дијалогот.

Во резолуцијата е подвлечено дека е потребно заедничко прифатливо компромисно решение за името. Но, истовремено се изразува жалење што конфликтот со името продолжува да ја блокира земјата на патот кон ЕУ и го спречува напредокот на самиот процес на проширување. Тука е нагласено, дека добрососедските односи се важен критериум во процесот на проширувањето, со барање до владите на кои ова се однесува, да ги избегнат сите контроверзни акции и декларации кои можат да имаат негативни последици.

Европарламентот смета дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка за членство во ЕУ, но тие треба да бидат разгледувани на конструктивен начин, водејќи сметка за интересите на заедничките вредности на ЕУ.

ЕУ да го олесни дијалогот за името

Европратениците го обновуваат и повикот до Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон и Комесарот за проширување Штефан Филе да го олеснат дијалогот за името и да предложат политички ориентации, како и да и се објасни на јавноста (во Македонија) предноста со изнаоаѓање на решение за членството во ЕУ, за што тоа треба да гласа на референдум.

Европратениците нагласуваат, дека секоја земја кандидат има свое ниво на напредок и динамика за членство, но Европската унија има одговорност да не напушта ниту една земја и да остане зад секоја од нив, бидејќи се става во прашање кредибилноста на процесот за проширување со постојаното одложување на почетокот на преговорите за членство.

На наредната страница прочитајте: Во резолуцијата се врати употребата на придавката „македонски“

DW.COM