1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шивачките во Камбоџа бараат повисоки плати

Текстилната индустрија во Камбоџа испорачува во целиот свет. Работниците меѓутоа месечно не заработуваат ниту 100 евра. Сега тие штрајкуваат за повеќе пари и го стопираа производството.

Во спорот за повисоки плати во Камбоџа, поради штрајк и затворени фабрики, не работат речиси сите текстилни погони. 80 проценти од фабриките се затворени, а две третини од вработените не биле на работното место, изјави денеска Конг Атхит од Синдикатот на текстилните работнички. Во некои од фабриките се штрајкува уште од минатата недела, a кај другите сопствениците на фабриките од протест ги блокираа работниците. Повеќе од 30.000 работници учествуваат на протестните маршеви, известуваат локалните медиуми.

„Нашата индустрија не може да продолжи со работа во оваа состојба“, соопшти Сојузот на текстилните производители. Штрајковите ги принудиле претприемачите да ги затворат фабриките. Работниците бараат повеќе пари. Владата неодамна ја зголеми најниската плата во браншата од 80 на 95 долари (70 евра), но синдикатите бараат најмалку 160 долари.

Изминатиот петок илјадници демонстранти излегоа на улиците и го блокираа Министерството за труд во Пном Пен. Тие се приклучија на протестите на опозицијата, која бара оставка на премиерот Хун Сен. При судирите со полицијата повредени биле седум работници.

Фабрикантите стравуваат од повлекување на инвеститорите

Сојузот на текстилни производители предупреди дека паричните казни за задоцнета испорака би можеле да се одразат врз целиот сектор. Се заканува повлекување на инвеститорите и намалување на работните места.

Текстилната бранша вработува околу 650.000 луѓе. Од нив 400.000 шијат за меѓународни модни марки како „Gap“, „Nike“ и „H&M“. Секторот е најголемата извозна индустрија на Камбоџа со приходи годинава од повеќе од пет милијарди долари. Производите се извезуваат пред сѐ во САД и Европа.