1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шешељ доби трета пресуда за непочитување на Хашкиот трибунал

Хашкиот трибунал го осуди утрово Воислав Шешељ на две години затвор поради непочитување на судот. Шешељ по третпат е осуден за непочитување на Хашкиот трибунал.

Тој го одби барањето на судот да отстрани од својата веб страница четири книги и други документи во кои е откриен идентитетот на заштитените сведоци од главниот процес по обвинението за воени злосторства во Хрватска, Војводина и Босна и Херцеговина во периодот од 1991-ва до 1993-та година. Автор на книгите е Шешељ.

При изрекувањето на пресудата судијата Стефан Трексел рече дека со тоа Шешељ „намерно и свесно го попречувал спроведувањето на правдата“. Судијата потсети дека самиот Шешељ потврдил дека само тој одлучува што ќе се појави на страницата, велејќи дека нема намера да ги отстрани документите. Соопштувајќи ја висината на казната, судијата Трексел рече дека Шешељ направил „тешко непочитување на судот“.

„Со тоа направи директен напад на правосудната власт на Трибуналот“, нагласи судијата Трексел. На неговиот повик до Шешељ да стане, за да му биде изречена пресудата, тој одговори:

„Јас вам да ви станам? Па, вие не сте нормални. Јас сум четнички војвода“. Шешељ додаде и дека ќе вложи жалба на одлуката на судот, тврдејќи дека судот му оневозможил да изнесе одбрана.

Од досегашните две пресуди за непочитување на судот, првата на 15 месеци затвор е правосилна, а за втората од 18 месеци Шешељ поднесе жалба, но жалба поднесе и тужителот, кој бара казната да биде зголемена на три години затвор.

Судењето по главното обвинение со кое Шешељ е обвинет за злосторства врз цивили заврши во март, а изрекувањето на пресудата се очекува во март идната година.