1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шефот на „Фиат“ има големи визии за „Опел“

Германската влада, посакува за „Опел“ инвеститор кој „ќе донесе долгорочно обезбедување“. Се нуди ли „Фиат“ како таков? Шефот на италијанската фирма сака да создаде „светски концерн“.

default

Дали ќе дојде до фузија на „Фиат“ и „Опел“?

Весникот „Фајненшел тајмс“ пишува дека идеја на шефот на „Фиат“ Серџо Маркионе е да го издвои производството на автомобили од концернот и да направи негова фузија со американскиот производител на автомобили „Крајслер“ и со европскиот дел на американскиот концерн „Џенерал моторс“, каде припаѓа и „Опел“. Така треба да настане нов производител на автомобили, организиран како акционерско друштво, кој според плановите на Маркионе ќе произведува преку 6 милиони автомобили, бројка што самиот ја наведе како предуслов за опстанок. Според него, помали производители на долг рок веќе немаат шанси, оти во перспектива Кина и Индија како масовни производители на автомобили ќе бидат во состојба да ги освојат светскиот пазар. Во „Фиат“ сметаат дека „Опел“ прави технички извонредни возила, кои со подобар дизајн можат да го поправат имиџот на фирмата.

Набљудувачите во Италија гледаат големи пречки за фузијата на „Фиат“ со „Опел“ во отпорот кај вработените во германското претпријатие и во предизборната борба во Германија, каде наесен претстојат парламентарни избори. Оттука, се смета дека договорот со „Опел“ е покомплексен, отколку преземањето на „Крајслер“. „Политичарите во Германија мораат да сметаат на предрасуди и недоверба, а шефот на ’Фиат‘ ќе мора денеска да ги убеди дека нема на ум краткорочен бизнис, туку стратегиска постапка“, вели Џовани Моранди, главен уредник на весникот „Ил џорно“.

Маркионе гради доверба кај партнерите

Fiat Chef Sergio Marchionne

Шефот на „Фиат“ Маркионе

Но, јасно е дека четирите производни погони на „Опел“ во Германија неможат да бидат спасени без отпуштања од работа. „Фиат“ планира да ги задржи фабриките во Риселсхајм, Ајзенах и Бохум, но е неизвесна судбината на фабриката во Кајзерслаутерн. Министерот Гутенберг го оцени планот на „Фиат“ како интересен, но сега, според него тој треба да биде проверен во подробности. Заштедите го вратија и „Фиат“ на патеката на успехот. За Маркионе е најважно да изгради доверба, да ја увери германската страна дека во целава работа не станува збор првенствено за намера „Фиат“ да дојде до германската ветена државна помош за „Опел“ од 3,3 милијарди евра.

Ханс Демант, претседател на Управниот одбор, вели дека ќе разговараат со сите заинтересирани за преземање на „Опел“, но и дека претпријатието работи врз сопствен издржан концепт, со цел да се зачуваат сите 4 фабрики и да нема отпуштања на работници како технолошки вишок.

Поголем финансиски ризик за „Опел“

Професор Фердинанд Дуденхофер од универзитетот Дуизбург-Есен смета дека за „Опел“ здружување со „Фиат“ носи поголем финансиски ризик и губење на можноста за присуство на рускиот пазар на автомобили во подем. Тој би му се отворил со другата актуелна комбинација: австриско-канадскиот лиферант за автомобилската индустрија „Магна“, рускиот производител на возила „Газ“ и руската банка „Сбербанк“ како инвеститори. Но, Дуденхофер проценува дека владата го преферира „Фиат“, оти за советник ангажира човек, кој е член на Надзорниот одбор на италијанскиот концерн.

Автор: Грегор Хопе /дпа/ап/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска