1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шефот на НСА: Го правиме она што треба

Бранот незадоволство во светот поради американското шпионирање на интернет комуникациите не стивнува. Врз Вашингтон се врши притисок од влади, граѓански активисти, концерни. Мораше да се правда и шефот на НСА.

Шефот на НСА мораше да одговара на прашања пред комисија на Сенатот во Вашингтон. Директорот на американската Агенција за национална безбедност, НСА, Кит Александар (на насловната фотографија), притоа застана во одбрана на програмата за следење на онлајн комуникацијата, истакнувајќи дека благодарение на неа се откриени и спречени десетици терористички заговори.

„Тоа помогна во спречување на десетици терористички настани“, изјави вчера (12.06) Александар на седницата на Комисијата за разузнавање на американскиот Сенат. Генералот изрази поддршка за персоналот што ги води овие програми, истакнувајќи дека тие својата работа ја вршат „во рамките на законот, почитувајќи ги граѓанските слободи, приватност и безбедност“.

Како примери за успешна одбрана од терор шефот на НСА го наведе планираниот напад на тројца исламисти врз Њујоршкото метро во 2009 година. Триото беше откриено пред да го спроведе планот.

Александар, сепак, истакна дека Агенцијата треба да истражи како Едвард Сноуден, соработник со релативно низок ранг, се нашол во ситуација да дојде до такви чувствителни информации што протекоа во јавноста.

NSA / USA / US-Geheimdienst / Geheimdienst

НСА на удар на критики

НСА се наоѓа истовремено во средиштето на два големи шпионски скандала во САД. Се работи за собирање на податоци од телефонските разговори на милиони граѓани во САД и масивното собирање информации преку серверите на интернет-фирмите. Интернет-шпионажата предизвика остра критика и во странство, пред се‘ во Германија. Германската министерка за правда Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер и еврокомесарката за правда Вивиен Рединг побараа од својот американски колега по функција, Ерик Холдер, да им достави информации за програмите за следење на интернет комуникацијата користени од Американците и правната основа врз која тоа е вршено.

Изворот на информациите за американското масовно шпионирање, Едвард Сноуден, кој се крие во Хонг Конг, најави дека ќе објави нови детали за следењето на интернетот од страна на американските власти, соопшти хонконгскиот весник „Саут Чајна морнинг пост“, за кој тој даде ексклузивно интервју.

USA PRISM Internet Überwachung Quelle Edward Snowden

Информантот Едвард Сноуден најавува уште детали

„Не сум ниту предавник ниту херој. Американец сум“, изјави разузнавачот, цитиран на сајтот на весникот.

Поранешниот службеник на ЦИА се крие на тајни места во Хонг Конг, откако избега од Хаваи и прозборе за строго тајните прислушкувања на телефонската и интернет комуникацијата од САД.

Во своето интервју за „Саут Чајна морнинг пост“ Сноуден ветува дека ќе открие дополнителни детали за објекти на следење од САД, своите планови за блиска иднина, чекорите кои, според него, ги презеле американските власти откако тој го направи отритието во Хонг Конг и своите стравови за семејството.

„Луѓето кои сметаат дека сум дозволил грешка при изборот на Хонг Конг, погрешно ја толкуваат мојата намера. Не сум дојден тука за да се кријам од правдата, туку за да откријам криминал“, рече Сноуден за весникот.

Тој се заколна дека ќе се бори против секаков обид за екстрадиција во САД.

„Намерата ми е да побарам од судот и народот во Хонг Конг да решат за мојата судбина. Немам причина да се сомневам во вашиот систем“, изјави Сноуден.

Во САД е почната кривична истрага, но се‘ уште не е поднесена молба за екстрадирање. Хонг Конг има екстрадициска спогодба со САД, иако, според аналитичарите, обидот да се врати Сноуден во САД може да се провлече со месеци и да биде блокиран од Пекинг.