1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шефот на дипломатијата Муса Куса му избега на Гадафи

Нов удар за либискиот властодржец Гадафи - неговиот министер за надворешни работи Муса Куса, вчеравечер, изненадувачки, пристигна во Велика Британија. Се вели дека министерот не сакал веќе да му служи на режимот.

default

Министерот за надворешни работи на Либија Муса Куса

Шефот на либиската дипломатија Муса Куса, кој вчера напладне (30.03) уште водеше преговори со француски владини претставници на тунискиот остров Ѓерба, вечерта пристигна во Велика Британија. Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на лице блиско до министерот, јави дека Куса има намера да побара азил и дека побегнал од Либија поради тоа што бил против напади врз цивилното население.

Mussa Kussa Außenminister Libyen

Муса Куса и портпаролот на владата во Либија

Куса беше централна фигура во Револуционерниот комитет во Либија

Поранешниот шеф на тајната служба седеше на маса на сите важни преговори, на кои, меѓу другото се разговараше и за подобрување на либиските односи со Западот. Куса беше дел и од преговорите за ослободување на бугарските медицински сестри, како и за обештетување на роднините на жртвите од нападот во британски Локерби, извршен во 1988 година.

Пред Куса, послушност на Гадафи веќе му откажаа повеќе членови на раководството. Екс-министерот за правда Мустафа Абдул Џалил веднаш по почетокот на крвавите судири им се приклучи на бунтовниците и стана член на предоната власт во Бенгази. И еден од најважните економски експерти во Триполи, Махмуд Џибрил, ја промени страната и сега е премиер на преодната влада. На Гадафи збогум му рекоа и повеќемина офицери во армијата.

Pro Gaddafi Anhänger in Libyen Jugendliche in Bengazi

ЦИА и МИ6 активни во Либија

По вестите за големото повлекување на бунтовниците во Либија и напредувањето на силите на Гадафи, во НАТО се разгоре судир околу тоа дали на бунтовниците да им се достави оружје или не. Според извештај на „Њујорк Тајмс“ бунтовниците веќе добиваат помош во поинаква форма. Американската тајна служба ЦИА, како што пишува весникот, им дава поддршка на бунтовниците преку тајни акции веќе со недели. Агентите испитувале можни цели за воздушни напади. Според наводи на британски владин претставник, десетици агенти на тајната служба МИ6 и на специјалните сили на Британија се веќе во Либија. Тие ги снабдуваат британските сили со информации за цели за напади, за позициите и движењето на силите на Гадафи.

Белата куќа, во меѓувреме, одби да се изјасни околу ваквите наводи на „Њујорк Тајмс“. „Вообичаена практика за оваа и други американски влади е да не се изјаснува за работи на тајните служби“, соопшти портпаролот на претседателот, Џеј Карни.

Автор: ЕМФ/СН/дпа/ртр/афп

Редактор: Симе Недевски

DW.COM