1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шефот на Барклис поднесе оставка - кој е на ред?

Скандалот од светски размери со манипулации со камати денеска (03.07) го чинеа работно место шефот на британската голема банка „Барклис“, Боб Дајмонд.

Притисокот на јавноста беше преголем - шефот на „Барклис“ Боб Дајмонд поднесе оставка. Притисокот врз банката достигна ниво што претставува закана за нејзината иднина, пишува Дајмонд во своето образложение. Вчера од функцијата се повлече и шефот на Надзорниот одбор Маркус Агиус. Британскиот министер за финансии Џорџ Озборн го поздрави ваквиот чекор.

„Мислам дека Боб Дајмонд донесе вистинска одлука за ’Барклис’, но и за нашата земја. Нашите банки не треба да се концентрираат врз скандалите од минатото, туку на тоа да и‘ стават на економијата пари на располагање. Се надевам дека е ова прв чекор кон нова култура на одговорност во британскиот банкарски сектор.“

Bob Diamond Barclays

Боб Дајмонд утре е пред Комисијата за финансии на британскиот Парламент

Оставката на Дајмонд, еден од најдобро платените банкари во Лондон, е поврзана со манипулации со камати. „Барклис“ со години се обидувала да манипулира со каматите во интерното банкарско тргување, значи при зделки со другите банки. Третата по големина британска банка на овој начин сакала да си создаде предности пред конкуренцијата и да ја зголеми својата добивка. Надзорните органи во Велика Британија и во САД веќе ја казнија „Барклис“ со над 360 милиони евра.

Британскиот премиер Дејвид Камерон уште вчера оцени дека станува збор за скандал и најави парламентарна истрага за однесувањето на банките. Дајмонд утре (04.07) ќе одговара на прашања во парламентарната Комисија за финансии. И опозиционата Лабуристичка партија ја поздрави оставката. Пратеникот Џон Ман рече дека таа била неодминлива:

„Банката сега е во големи тешкотии. Во САД против неа е поведена правосудна постапка. Иднината на банката е на коцка.“

Во САД и Велика Британија со месеци се водат истражни постапки против цела низа големи банки, меѓу нив и германската Дојче банк. Станува збор за сомневање во манипулации со Либор (Лондонска меѓубанкарска стапка, односно дневна референтна каматна стапка по која банките една на друга нудат пари за позајмување на лондонскиот меѓубанкарски пазар н.з.).