1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шефовите на американските тајни служби во одбрана на прислушувањето

На сослушување во Конгресот, шефовите на американските тајни служби ја отфрлија критиката на своја сметка и нагласија дека акции на прислушување во светот се вообичаени. Tие ги обвинија сојузниците дека ги шпионираат САД

Координаторот на тајните служби во САД, Џејмс Клапер, оцени дека прислушувањето на високи по ранг политичари е основа на разузнавањето. Тоа е „една од првите работи“ кои тој ги научил на почетокот на својата обука во 1963 година, изјави Клапер. Според него, треба да се види дали е точно она што го тврдат странските лидери. Клапер ги обвини сојузниците дека исто така ги шпионираат САД, тајните служби во таа земја и високите политичари. На прашањето дали сојузниците постапуваат на ист начин, Клапер одговори: „Апсолутно.“ Сепак, тој не наведе конкретни примери.

Ваквото обвинување е поткрепено и со извештај на „Вашингтон пост“. Весникот цитира неименувани службеници, според кои германската тајна служба во 2008 година ја имала во фокус комуникацијата на најмалку 300 американски граѓани или лица кои живеат во САД. Германската тајна служба БНД ги отфрла ваквите обвинувања. Од германската амбасада во Вашингтон не е „спроведено никакво прислушување на сателитски, радио или телефонски врски“, тврди шефот на БНД Герхард Шиндлер за неделникот „Цајт“.

NSA James Clapper

Џејмс Клапер

Втората линија на одбрана на првите луѓе на тајните служби пред американскиот Сенат беше тврдењето дека се погрешни медиумските извештаи за масовно прислушување на комуникации во странство. Директорот на НСА Кит Александер изјави дека податоците собрани во Франција, Шпанија и Италија не се собрани само од страна на НСА, туку и од страна на странски партнери. Медиумските извештаи кои тврдат нешто спротивно се „сосема погрешни“, изјави тој. Според него, новинарите сосема погрешно ги разбрале документите на Едвард Сноуден.

Александер тврди дека податоците што европски тајни служби им ги предале на САД се дел од програма за размена. „Тоа се информации кои ние и нашите НАТО-сојузници ги имаме собрано за одбрана на нашите нации и за поддршка на воените оепрации“, нагласи шефот на НСА.

Клапер нагласи и дека Американците и граѓани на други земји никогаш не биле прислушувани во голем стил, „без избор“.

NSA Direktor Keith Alexander

Кит Александер

Контроверзните програми за прислушување, според Александер, се важно средство за антитерористичката борба. Тој рече дека е многу поважно да се одбранат САД, па ако треба за тоа и нека се „примат удари“, отколку да се кренат рацете од програма без која долгорочно повторно би имало напади врз САД.

На сослушувањето, покрај Кит Александер, присуствуваа и неговиот заменик Крис Инглис и заменикот американски федерален обвинител Џејмс Кол.

Републиканците ја фалат контролата

Александер и Клапер добија поддршка од страна на копретседателот на Комисијата за надгледување на работата на тајните служби, републиканецот Мајк Роџерс. Тој ја нагласи ползата од активностите на тајните служби и рече дека работата на НСА ги штити Американците и сојузниците. Врпочем, секоја држава се занимава со разузнавање и контраразузнавање, нагласи Роџерс. Истовремено, тој ја пофали контролата на парламентото врз работата на тајните служби и предупреди дека САД не смеат да се вратат на размислувањата пред 11 септември 2001 година. Со тоа Роџерс стави сосема поинаков акцент од копретседателката на Комисијата од редовите на демократите, Дајен Фајштајн. Таа претходно изрази разбирање за огорчувањето во Европа поради прислушувањето.

Elmar Brok Europaparlament

Елмар Брок е во Вашингтон со делегација на европратеници

Републиканците многу повеќе се незадоволни поради масовното прислушување во САД. Тие заедно со демократите подготвија предлог закон со кој треба да се ограничат програмите на НСА кои се однесуваат на земјата. Телефонските податоци во САД во иднина ќе смеат да се меморираат само ако тие се директно поврзани со некоја истрага за тероризам која е во тек.

Брок препознава напредок

САД сега се наводно подготвени да запрат со прислушување во Германија и други европски земји. Таков впечаток разбуди европратеникот Елмар Брок по разговорите со шефот на НСА Александер и сенаторката Фајнштајн во Вашингтон. Двајцата во разговорите со делегацијата на европски парламентарци се согласиле да учествуваат во подготовка на договор со кој тоа би било регулирано. Со договорот во иднина би требало да се спречи „шпионирање пријатели“ и работата на тајните служби би требало да се концентрира на борбата против тероризмот и интернет-криминалот, рече Брок за весникот „Билд“.