1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шефицата на ММФ предупредува од распад на Европа

Конфликтот меѓу силните и слабите земји од еврозоната ескалира. Шефицата на ММФ, Кристин Лагард, предупредува од распад на монетарната унија. Таа апелира на безусловно опстојување на проектот Европа.

За шефицата на ММФ, Кристин Лагард, интеграцијата на еврозоната не е само прашање на заедничка валута, туку има и исклучително големо политичко значење, дури и историско:

„Европскиот проект е исклучително, би рекла дури и од аспект на целото човештво. Нациите кои со децении воделе меѓусебни крвави војни одлучија дека заеднички се посилни отколку како одделни држави“, изјави Лагард во интервју за „Зиддојче цајтунг“. Таа предупредува дека политичарите под притисокот на изборите се‘ почесто се подложуваат на краткорочни интереси и со тоа јакне „желбата кон национален суверенитет“.

Напротив, во услови на криза, според Лагард, е нужно поголемо заедништво и тоа не само во областа на буџетската и банкарската полтика. Напорите за зачувување на еврото досега се минирани преку „несигурноста и недовербата во долгорочните визии на политичарите“.

Во поглед на финансиската криза, Лагард пледира за пакт за отплата на долговите, по урнекот на она што го предлагаат „петтемина мудреци“ во Германија. Според него, државните долгови на земјите од еврозоната кои се над 60 проценти од бруто домашниот производ, ќе бидат гарантирани заеднички.

„Моделот треба да го разгледаме подетално“, вели Лагард во „Зиддојче цајтунг“, за разлика од германската влада, која не сака да презема никакви натамошни ризици. Пактот за отплата на долговите на финансиските пазари ќе им даде барем „јасен сигнал“ дека Европа има заеднички проект и дека нејзините членки сакаат да го следат, се надева Лагард.