1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шест илјади луѓе прогласени за мртви

Индиските власти ја загубија надежта дека ќе бидат најдени уште преживеани по поплавите што ја зафатија земјата во јуни. За мртви се прогласени 5748 луѓе.

Семејствата на жртвите ќе добијат обесштетување, соопшти Виџај Бахугуна, премиер на сојузната индиска држава Утараканд, која беше најмногу погодена од поплавите. Постапката за обесштетување ќе почне веднаш по објавувањето на имињата на лицата кои се водеа како исчезнати, а кои сега се прогласени за мртви. Семејството на секоја жртва од поплавите ќе добие отштета од 500.000 рупии, или околу 6.500 евра.

На средината на јуни, значително порано отколку што е тоа вообичаено, монсунските дождови предизвикаа големи поплави. Цели села беа однесени од водата, а уништени се околу две илјади улици и мостови. Монсуните во Утараканд изненадија и околу 100.000 туристи и аџии кои беа на пат за светите места на Хиндусите во планините во оваа сојузна држава.

Десетици илјади луѓе беа отсечени од надворешниот свет поради поплавите. Дури откако беа ангажирани околу 10 илјади војници почнаа работите на расчистување на теренот и спасување. Отсечените места беа снабдувани со хеликоптери, а илјадници аџии беа транспортирани од подрачјето зафатено со катастрофата.

Поплавите предизвикаа дебата во Индија околу заштитата од катастрофи и потфрлањето на властите во овој поглед. Весникот „Азиска ера“, на пример, праша зошто регион каде редовно паѓаат монсунски дождови, не е подобро подготвен. Проблемот се повторува секоја година и речиси секогаш има поплави со голем број загинати.