1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Шест години чекање на подобар живот на Косово

Косовското собрание пред шест години, без српските пратеници, прогласи независност, која до денес ја признаа 105 земји. Во меѓувреме дојде до промени во многу животни области, но незадоволството останува...

Драган Симиќ од Звечани е свесен за ситуацијата по прогласувањето на независноста пред шест години, посебно по Бриселскиот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Но, за него „северот на Косово и натаму е составен дел од Србија и така и ќе остане“. Иако официјална Приштина вети многу нешта, вели тој, не гледа дека косовската влада направила нешто конкретно за подобрување на животниот стандард на неговите сонародници северно од Ибар. Сепак, Симиќ не ја исклучува можноста некои интересни групи да имаат корист од вложувањата во српските средини, но обичните граѓани сигурно не.

Косовските документи сѐ понеопходни

„Гледаме како никнуваат нови згради, па и спортски сали во северниот дел. Можеби се изградени со средства на владите од Белград и од Приштина. Но, нема производни погони. Нема работа. Позната е приказната за двојните плати и дека владата на Косово ги финансира здравството и образованието, па можеби би било најдобро да постои единствен систем на плаќање. Оние кои не работат, да ги финансира Приштина, а оние кои работат - Белград“, вели Симиќ, додавајќи дека и покрај јасниот став за бојкот на косовските документи, „тие од ден на ден ни се сѐ понеопходни“.

Селим Селими од Приштина не крие дека пред шест години очекувал доаѓање подобар живот. Сега е прилично разочаран од некои претставници на косовските институции. Вели дека корупцијата расте од ден во ден, исто и непотизмот. Народот живее сѐ потешко. Затоа не го изненадува фактот што секојдневно расте бројот негови сонародници кои по секоја цена сакаат да заминат во некоја од западноевропските земји. Селими очекува жителите на Косово и натаму да чекаат пред амбасадите за визи за да отпатуваат некаде и за тоа ја обвинува владата во Приштина.

Селими има свој став за Србите и за тоа зошто тие не се вратија во поголем број: „Срби овде нема многу. Се знае што направија тие на Косово и на цел Балкан. Затоа не очекувам подобри односи со нив. Мислам дека се фер - знаат какво зло направија, па затоа не се враќаат. Ако дојдат, им градат куќи, а тие ги продаваат, добиваат големи пари од моите сонародници и повторно, полни со пари, се враќаат во Србија“, објаснува Селими.

Косово добива државни контури

Според Исмаил Рамовиќ од Призрен, Косово во изминатите шест години направи голем исчекор и ги добива сите атрибути на државност. Тој смета дека е направен голем чекор во нормализацијата на односите со Србија, а релаксацијата на тие односи овозможува напредување на Косово.

„Владата на Косово, во согласност со своите компетенции, прави многу за подобрување на животот на Бошњаците, како и на останатите овдешни заедници. Но, се плашам дека националните заедници не прават доволно за подобрување на сопствениот живот во местата каде живеат. Нашиот заеднички проблем е постоењето еден вид гета во кои живееме, не шест, туку 14 години по завршувањето на војната. Јас речиси никаде не патувам, зашто моите косовски документи не се релевантни за патување надвор од овие простори. Заминувањето од Косово претставува Танталови маки, поради огромната документација која треба да се собере и туркањето по повеќе пати пред амбасадите“, вели професорот по босански јазик.

Северот - косовско буре барут

Сите тројца соговорници имаат различни ставови дали напнатоста евентуално би можела да предизвика нови судири на Косово.

Galerie : 5 Jahre unabhängiges Kosovo.

Косовска Митровица - симбол на поделеноста на Косово

„Јужно од Ибар не може да дојде до тензии кои би предизвикале безредија, зашто Србите во тој дел од Косово се интегрираа во системот на Приштина. Тие излегоа на избори, имаат свои раководства и практично ја признаа реалноста. На север и натаму постојат турбуленции. Излеговме на избори, а многумина не знаеја дека ги организираше Приштина. Северот, според мене, е косовското буре барут. Србите нема да се откажат да ги храни Србија и да бидат нејзин дел. Сепак, не решаваме ние за тоа. Тука се преговарачките тимови и нормално, она што на крајот ќе каже Запад, тоа е завршена приказна“, вели Симиќ.

„Оние кои овде предизвикаа судири, можеби мислат на таков начин да ги решаваат проблемите. Тоа е одамна минато време и тие мораат да сфатат дека сѐ се решава со дијалог. По секоја војна, мора да се седне и да се разговара“, вели Селими.

Подобра и поефикасна администрација, борба против корупцијата и непотизмот, подобри животни услови и школување, повисок стандард, укинување на визите и слобода на движење, само се дел од заедничките желби на нашите соговорници до наредниот 17. февруари и новата годишнина од независноста.

Селими става акцент на стопанскиот развој: „Косово мора да ја развие економијата, а во нејзини рамки посебно земјоделството. Мора да гради иднина со свои, а не со туѓи сили. Тоа е можно да се оствари со билатерални односи со развиените земји. Ако економски зајакнеме, би живееле подобро. Би оствариле многу погодности, меѓу другото тогаш би ни ги укинале и визите. Вака, сиромашни и корумпирани, уште долго нема да ни ги укинат“.