1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Шеста ноќ со безредија во Шведска

Во повеќе населби во шведскиот главен град Стокхолм и во минатата ноќ повторно беа палени автомобили. Степенот на насилството меѓутоа попуштил во споредба со минатите ноќи соопшти полицијата.

Во главниот град на Шведска, поточно во стокхолмските предградија кои се населени главно со имигранти и покрај засиленото полициско присуство на улиците шеста ноќ по ред имаше безредија во кои главно беа запалени автомобили. Полицијата меѓутоа соопшти дека изминатата ноќ имало помалку насилство во споредба со претходните пет.

Безредија наспроти тоа за првпат имаше во градот Оребро, во централниот дел на Шведска. Таму, според полициски информации опожарено било едно училиште и повеќе возила. Возила гореле и во градот Линкопинг.

Според податоците на проитивпожарната служба, во Стокхолм синоќа имало 70 пожари, а ноќта претходно 90.

САД и Велика Британија ги предупредија своите граѓани да ги избегнуваат деловите на градот зафатени со немирите и да ги следат локалните официјални извештаи за безбедносната ситуација.

Како причина за избувнување на немирите пред шест ноќи се наведува убиството на еден 69-годишен маж во стокхолмското претградие Хусби минатиот понеделник. Но корените на насилството се верува дека се во високата невработеност и безперспективноста во градските населби со висок процент на доселеници од странство. Во Хусби каде всушност започнаа протестите и безредијата, 80 проценти од населението се странски имигранти. 15 проценти од жителите на Шведска се родени надвор од нејзините граници.