1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шекеринска: Ќе го градиме стандардот на граѓаните, наместо споменици

Кандидатот за премиер на опозициската СДСМ, Радмила Шекеринска, вели дека приоритет ќе и` бидат евро-атлантската интеграција, ставање крај на жестоките политички поделби и економски проекти за подигање на стандардот.

default

Кампањата за изборите влегува во својата завршница. Според многумина имавме досега една од највалканите кампањи, во која доминираа навреди и напади кон политичките противници. Од каде потребата за толку жестина и нетрпеливост во кампањата?

Негативната кампања беше политичка одлука на нашиот противник ВМРО-ДПМНЕ чија цел е да ги убеди неопределените граѓани да останат дома. Тоа е сигурен рецепт. Во секоја книга за политички маркетинг ќе ви кажат дека ако кампањата е негативна, одзивот е низок. Целта на ВМРО-ДПМНЕ беше да гласаат само партиските војници и тука власта има подобра шанса. Јас не влегов во таа замка бидејќи на овие избори сакаме да покажеме дека македонската политика мора да се промени и дека кампањата треба да даде одговор за тоа што им го нудиме на граѓаните, а не што мислиме за нашите политички противници. Јас во моите настапи се концентрирам на она што им е важно на Македонија и на македонските граѓани и убедена сум дека нашите граѓани тоа го ценат.

И вие и вашите политички противници се фокусиравте на економската политика. Иако впечатокот на многумина е дека ветувањата во економскиот дел од програмите се нереални, што ќе биде приоритетот во економијата на Радмила Шекеринска, доколку седне на премиерската фотелја?

Кога имате држава во која 650 илјади луѓе се сиромашни, а 330 илјади се невработени, немате алтернатива. Економијата е главниот политички, социјален и економски проблем. Нашите предлози за економијата се реални, водевме сметка да не претераме затоа што граѓаните тоа го чувствуваат, ако им ветите дека од утре се` ќе биде идеално. Нема да биде. Дури и со четиригодишен мандат нема да успееме да ги решиме сите проблеми. Но, за четири години македонската економија ќе ја направиме поконкурентна, а македонските граѓани ќе живеат со подобар животен стандард. Не е нормално Македонија да ги има најниските плати во целиот регион. Македонија денес има пониска просечна плата отколку Косово, кое пред само неколку години стана независна држава. Затоа инсистиравме во овој мандат да го воведеме концептот на најниска плата. Кажавме дека секоја плата ќе мора да биде повисока од 9 илјади денари, затоа што така функционира речиси секоја европска држава. Тоа не е нереално. Кажавме дека главна цел ќе ни биде во економијата да стимулираме отворање нови работни места. За таа цел ќе ја прекинеме праксата во која македонските компании се дискриминирани во однос на странските. Секоја фирма, без разлика кој е и каде живее сопственикот ќе добие поддршка од државата, ако отвора нови работни места. Поддршката ќе биде со давање на користење на државно земјиште и со давање на финансиски инјекции, кои ќе бидат стимулација за отворање нови работни места.

Ќе прекинеме и една друга пракса, а тоа е државата да собира многу пари од стопанството, а притоа да ги троши на работи кои немаат позитивен ефект врз економијата. На пример, кога правите споменик, еден уметник зема 500 илјади или 2 милиони евра. Тоа нема никаков позитивен ефект врз економијата. Меѓутоа, кога со парите на даночните обврзници градите локален пат или автопат, електрична централа, тоа ja поттикнува целата економија.

Се водевме од принципот дека инвестициите во инфраструктурата, во енергетиката, во образованието и здравството се враќаат неколкукратно и таму ќе ги насочиме парите на даночните обврзници.

Спорот за името се чини падна во втор план во кампањата, иако тоа е основниот предуслов за остварување на европските и евро-атлантските интеграции. Зошто одлучивте да се приклучите кон политиката на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски за организирање референдум за ова прашање, кога и самите изминативе години велевте дека владата треба да ја преземе одговорноста за овој проблем?

Branko Crvenkovski Radmila Sekerinska Zoran Zaev Wahlkampagne Parlamenstwahlen SDSM,

Шекеринска со Црвенковски и Заев на еден од предизборните митинзи

Долго време се делевме и се каравме за премногу прашања. Сакаме барем едно прашање да го тргнеме настрана и да можеме да кажеме дека на таа тема имаме каков-таков консензус. Во последниве години повеќе дискутираме за референдумот, одошто за спорот за името. Тоа е неразумно и непродуктивно. Знаеме дека ако тоа прашање не го ставиме настрана, тоа повторно ќе ни ја собере енергијата и во кампањата и после неа. Убедени сме дека е можно решение, кое ќе биде во полза на Македонија. Убедени сме дека тоа решение ќе можеме да го одбраниме во јавноста и дека тоа решение на референдум ќе биде поддржано.

И затоа решивме, наместо да се расправаме дали ќе има или не референдум, да кажеме „Да!“, ајде да се сконцентрираме како да го најдеме решението, а референдумот, убедени сме, ќе биде успешен. Сметаме дека има начин како да се избориме за вистинските интереси на Македонија, а притоа Македонија да стане и членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ.

Годинава се навршуваат десет години од потпишување на Охридскиот рамковен договор. Иако меѓуетничките односи, по долги години, не беа една од водечките теми во кампањата, сепак кај дел од партиите на Албанците доминираше тезата дека е потребна замена на стариот со нов договор. Сметате ли дека тоа барање во иднина би можеле да го прифатат мнозинството партии на Албанците и гледате ли перспектива за Рамковниот договор?

Ќе направам една паралела, затоа што мислам дека и во поглед на меѓуетничките односи и во поглед на многу други теми во државата, страдаме од истата болест. А тоа е дека мислиме дека хартијата нешто драматично ќе промени. Во многу области имаме сериозни проблеми и единствениот рецепт што го слушаме е „ајде да го промениме законот“. И ќе седнеме ќе го смениме законот, и потоа ќе сфатиме дека и тој закон не дава резултати, па ќе донесеме друг. И така, година за година, само се менуваат законите, а останува истото правило, дека ниту еден од законите не се почитува. Мислам дека истата болест ни се заканува и во однос на Охридскиот договор. Наместо енергијата да ја насочиме кон тоа и текстот и духот на Охридскиот договор да го спроведуваме така како што треба, имаме илјада и една идеја како да го менуваме договорот. Разговарав во оваа кампања со многу граѓани, и многу од нив беа етнички Албанци. Јас сум многу охрабрена од фактот што 95 проценти од Албанците со кои разговара го велеа истото: дајте да се договориме за најважните прашања, а тие прашања се каква иднина ќе има оваа држава, дали во или надвор од европските интеграции, и каква економија ќе наследат нашите деца. И кај Македонците и кај Албанците и кај сите други етнички групи созреа свеста дека од нешто мора да се живее. Дека од права, од закони и од етнички кавги, ничиј живот не е подобар. Убедена сум дека оваа нова клима, ако имаме добра влада, ако имаме влада која нема да ги злоупотребува меѓуетничките односи дека таа ќе создаде нов почеток на нашата држава, во која етничките прашања ќе ги дискутираме, но тие нема да причинат кавги.

Охридскиот договор оваа влада сакаше досега да го тривијализира. Закон да се донесе, подзаконски акт, ќе се примат 500 луѓе партиски војници, и толку. Но во суштина, впечатокот дека оваа држава е на сите, дека во оваа држава сите треба да имаат еднакви права, дека оваа држава мора да ги обединува малку повеќе етничките групи, а не да ги двои, го немаше. Зад мене се долги години политика, ако има едно прашање околу кое никогаш не сум имала дилеми и не сум се обидувала ситно да профитирам, тоа е оваа тема околу која зависи иднината на Македонија. Македонија само со кохезија и со внатрешна согласност, не само меѓу политичарите, туку и меѓу граѓаните од различни етнички заедници може да оди напред.

Какво постизборие очекувате? Предвидувањата се дека СДСМ може да формира влада единствено со широка коалиција во која би биле вклучени и партиите на Бошкоски и Љубчо Георгиевски и две партии на Албанците. Може ли да се очекува една таква коалиција да функционира нормално и да ги исполни ветувањата дадени во предизборниот период?

Неколку дена пред избори, неблагодарно е да се дискутира за бројки. Вистинските бројки ќе се видат на 5 јуни и тогаш ќе бидат видливи можните математики. Но, мислам дека има една покрупна работа. Не е само прашањето каква математичка комбинација ќе направиме по изборите, туку каква политичка платформа ќе им понудиме на останатите. Како партија која ќе ја формира следната влада ние ќе ги поставиме принципите околу кои нема да преговараме со останатите партии. Еден од тие принципи е дека Македонија мора да направи се' за да се врати на европската и евро-атлантска агенда. Мислам дека околу ова прашање ќе имаме силен обединувачки и коалиционен капацитет. Втората тема околу која ќе бараме консензус од сите политички партии е дека Македонија ќе мора да ја направиме држава во која партиската конфронтација не е главната движечка сила. Ќе инсистираме како влада да влијаеме на намалување на конфликтите меѓу политичките партии. И третата работа, ќе бараме економија во која државата нема да биде главниот кој ќе ги диктира тековите, главниот кој ќе троши пари, главниот вработувач и рекламер. Сакаме економските текови да ги водат луѓето од бизнисот, а државата да биде таа која ќе ги диктира правилата, но и ќе ги почитува.

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Трајче Тосев