1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шеесет илјади долари годишно од САД за онлајн дизајн од дома

Информатичарите и „компјутерџиите“ станаа најбарани кадри и професии на пазарот на трудот во Македонија. Во земјата годишно дипломираат од 800 до илјада вакви кадри. Работа нема за сите, иако огласи има постојано. Зошто?

Според една анализа на Центарот за истражување и создавање политики од Скопје, уште во 2008-ма година огласите за вработување покажале дека убедливо најбарани профили се оние од информатиката. Искуствата на агенциите за вработување потврдиле исто така дека најбарани позиции од техничките струки се оние од областа на информатичката технологија: електроинженери, програмери и систем – администратори. На интернет – пребарувачот на огласени работни места „Најди работа“ и сега пишува дека информатичарите се најбарани и најдефицитарни. Анализата на Министерството за труд и социјална политика покажа дека компјутерските програмери се дефицитарни кадри со високо образование, кои би можеле лесно да најдат работа.

Во Македонија сега има вкупно од 800 до илјада дипломирани студенти годишно од информатиката и компјутерските науки. Во ситуација кога има ваква бројка на факултетски образовани лица од овие професии, зошто тогаш конкурсите за вработувања на значителен број приватни фирми остануваат без одек? Каква е и состојбата на пазарот на трудот во оваа дејност?

Љубомир Христов, член на Управниот совет на МАСИТ – Стопанската комора на претпријатијата од информатичко-компјутерската дејност на РМ и одговорен во одделот за софтверски производи во фирмата „Ултра“ од Скопје, вели: „МАСИТ првото истражување на пазарот на пазарот на работна сила за ИТ-кадри го направи во 2005-та година. Тоа покажа недостатоци и во квантитет и во квалитет на таквата работна сила. Со владата и образовните институции работевме на разрешување на овој проблем. Во второто истражување од 2009 година се забележани подобрувања. Продукцијата на таквите кадри е усогласена со потребите и е е врамнотежена согласно со побарувачката на кадри од информатичката технологија. Но, МАСИТ – Комората и сите чинители треба да работат и натаму, со цел факултетите да ги приспособат своите наставни програми и за да можат дипломираните студенти да бидат подготвени да работат со технологиите, кои се денес актуелни“.

Mazedonien staatliche Fakultät für Informatik und technischen Maschinenbau FINKI

Студенти во предавалната на Факултетот за компјутерски науки на Штуловиот универзитет

„Фирмите се соочуваат со дефицит од квалитетни ИТ–кадри“

Другите соговорници на ДВ не сметаат дека постои врамнотеженост меѓу продукцијата и побарувачката за информатички и компјутерски кадри. Напротив, дека постои дури и реален дефицит. Каков и зошто? Консултираните експерти тврдат дека фирмите ги вработуваат само добрите, или најдобрите, но и дека овие одат само во неколку такви компании, оти нудат најдобри плати и услови за работа.

Димитар Трајанов, декан на државниот факултет за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ во Скопје, нагласува: „Од студентите кои дипломираат оваа година некои заминаа во странство, но од оние што останаа најголемиот дел од нив, оние најдобрите отидоа во една, или две компании, кои им нудат најсоодветни услови не само во поглед на платата“.

Јасмина Трајковски, член на Советот на експерти на МАСИТ – Комората и консултант во фирмата „ТП консалтинг“ од Скопје, се надоврзува: „Би било грев да се каже дека професионалците во ИТ–дејноста се слабо платени. Но, тоа е далеку од она колку што можеби навистина вреди нивниот труд. Постојат значителен број случаи кога платите не се на соодветно рамниште и тие се една од причините зошто на огласите за вработувања не се јавуваат соодветни лица. Затоа има дефицит од такви кадри“.

Во врска со платеноста на информатичарите и „компјутерџиите“ професорот Трајанов конкретизира: „Значителен дел од поискусните кадри имаат повисоки плати. По илјада и повеќе евра чиста месечна плата добиваат оние кои го носат бизнисот, оние кои се квалитетни и кои поседуваат одредено искуство. Тоа не се менаџери во компаниите, туку тим–лидери, луѓе што развиваат софтвери и слично“.

Трајковски се осврнува на овој актуелен тренд: „Таков е типот на професијата што може и индивидуално да се работи. Мнозина се решаваат за тоа: да не влезат воопшто во официјалниот режим на работа во институциите, или приватните фирми.

Mazedonien Professor Artan Ljuma

Професор Артан Љума

Професорот Артан Љума, од факултетот за информатички науки при Штуловиот универзитет во Тетово, потврдува дека расте интересот кај македонските ИТ–специјалисти и компјутерски експерти за индивидуално онлајн–работење од дома за странски компании. „Покрај парите од програмирањето, или правењето дизајни од дома за странски компании, тие можат во исто време да направат и некој мал бизнис овде. Наш студент од Струга од дома сега работи како дизајнер за компанија во САД и заработува 60 илјади долари годишно. Оние квалитетните штом ќе го завршат факултетот веќе го имаат претходно најдено и своето работно место. Затоа има дефицит за професионалните, квалитетни информатичари“, вели професорот Љума.

Професорот Трајанов е категоричен дека не се важни само бројките, туку и квалитетот на знаењата, што е главна цел на ФИНКИ. „Имаме 200 – 300 дипломци годишно. Ќе ги зголемиме и оваа бројка, но и уште повеќе и квалитетот на студиите и наставата“, вели професорот Трајанов.

Трајковски заклучува: „Компаниите бараат поспецифични и практични знаења, кои не се цел на факултетското образование. Тие бараат ЈАВА–програмер, субдизајнер, експерт за ЦИСКО–мрежи... Овие профили не излегуваат од факултетите во Македонија, на кои се добива академско образование со пошироки концепти, а не такви спефични вештини“.

Останува да се види колку специфичните потреби на пазарот на трудот ќе се поврзат подиректно со наставните програми на споменатите факултети, за да не им се случува на не мал број информатичари и компјутерски кадри да останат без вештините и знаењата што ги бараат компаниите, а со тоа да останат и без перспективи за вработување, иако огласи има постојано.

Поврзана содржина