1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шеесет години синдикално движење во Германија

Германскиот претседател Хорст Келер побара вклучување на синдикатите во надминувањето на економската криза. По повод 60 годишниот јубилеј - преглед на подемите и падовите на синдикалното движење во Германија.

default

Шефот на Сојузот на синдикатите Михаел Зомер го прими претседателот на државата Хорст Келер на свеченоста по повод 60 годишниот јубилеј

Годината на нов почеток во целата земја, 1949, беше година на нов почеток и за германското работничко движење. На 13 октомври беше основан Сојузот на синдикатите на Германија. Тој ги собра под еден покрив шеснаесетте синдикални организации од различни бранши, кои се формираа по Втората светска војна. Прв претседател на Сојузот беше 74 годишниот Ханс Беклер, кој уште на основачката манифестација најави дека работата на Сојузот треба да создаде праведни односи во општеството. „Имаме чесна намера овој синдикат да го обликуваме така, што ќе им стане вистинска татковина на сите вработени. Станува збор за подобрување на нивната положба преку борбата за поголем удел во материјалните, но и во духовните и културните добра што ги нуди животот.“

Позиционирање кон партиите

Синдикатите треба да бидат партиско-политички независни, но не и неутрални - тоа беше појдовната точка на основачкиот конгрес. Сојузот на синдикатите побара од државата да ги претвори клучните индустрии, пред се` индустријата за јаглен и челик, во претпријатија во општествена сопственост. Но, откако ова барање не наиде на поддршка во парламентот, во преден план дојде нова идеја.

Konrad Adenauer in Bonn Flash-Galerie

Првиот канцелар на повоена Германија, Конрад Аденауер

Борбата за соодлучување на работниците стана првиот голем предизвик за Сојузот на синдикати. Меѓутоа, конзервативната влада на чело со Конрад Аденуер не сметаше дека работниците треба да имаат право на соодлучување. Во 1951 година конечно беше најден компромис. Во индустријата за јаглен и челик, едната половина од надзорниот одбор во иднина треба да се состои од претставници на акционерите, а другата од претставници на вработените, односно на синдикатите.

Големи придобивки

Годините на подемот и` носеа на Сојузна Република Германија раст на производството од просечно 6,3 проценти годишно, се` до 1966 година. Практично владееше целосна вработеност, што на синдикатите им оставаше простор за обезбедување подобри работни услови. Платено боледување, работна недела од 40 часа, слободна сабота, тринаесетта плата и четиринеделен одмор се само дел од придобивките од ова време. Но, изумирањето на јагленокопите за камен јаглен, кризата во тешката индустрија и нафтената криза најавија нови времиња за германските синдикати. Социјално-либералната влада на Хелмут Шмит ги скуси давачките за невработените, пензиите и платите во јавната администрација. Придонесите за здравствено осигурување и за невработеност се зголемија, а невработеноста доби дотогаш непозната важност.

Кризни времиња

Кризата на социјалната држава придонесе за зголемување на бројот на членови во синдикатите. Во 1981 година, Сојузот на синдикати на Германија броеше приближно осум милиони вработени. Иако номинално стануваа посилни, од 1983 година почна да им дува силен ветер в лице на политички план. Под христијанско-либералната влада синдикатите беа се` повеќе истиснувани од процесите на одлучување, а политички беа ставени на маргините. Синдикатите реагираа на тој начин што се концентрираа на преговорите за зголемување на платите и за договарање на работните услови. Притоа, доаѓаше до борби и штрајкови за скратување на работната недела од 40 на 35 часови. Во јуни 1996 година, Сојузот на синдикати повика на масовни демонстрации против пакетот мерки за штедење на владата на Хелмут Кол.

Меѓутоа, на се` помалку Германци им се допаѓаше идејата за улични демонстрации. Ова го почувствува и Сојузот на

Helmut Kohl vor EU Flagge 1998

Канцеларот на обединувањето, Хелмут Кол

синдикати, кој по германското обединување кратко време имаше повеќе од единаесет милиони членови, за во годините потоа да ги загуби дури половината од нив.

Ослабена база

Дитер Шулте, кој од 1994 до 2002 година беше претседател на Сојузот на синдикати, објаснува зошто стана се` потешко да се придобијат нови членови: „Едноставно мораме да сфатиме дека во последниве години во Сојузна Република Германија и во денешна обединета Германија, се случи процес на деиндустријализација, изумирање на традиционалните области од каде доаѓаа најголемиот број на нашите членови.“

Со доаѓањето на власт на социјалдемократите и на зелените во 1998 година, кои добија поддршка од Сојузот на синдикати, кај него уште еднаш се разбуди нова надеж. И, додека во деведесеттите години се велеше дека Сојузот не е политички неутрален, оттогаш тој престана да им препорачува на гласачите за кого да гласаат на избори. Истото важеше и за парламентарните избори оваа година. Германската канцеларка Ангела Меркел за ова се заблагодари на својствен начин. Таа му ја честиташе шеесетгодишнината на Сојузот со зборовите „Јас знам да ги ценам претставниците на слободните синдикати како важни партнери во политиката“. Притоа, таа мислеше на дискусијата за средствата и начините за справување со актуелната економска и финансиска криза. Затоа силно му се заблагодари на Сојузот на синдикати за неговиот придонес.

Автор: Сабине Кинкарц / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска