1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

25. години од падот на Берлинскиот ѕид

Шеесет години борба за уставност

Кога некој во Германија вели: „Ќе одам се’ до Карлсруе“ не мисли на излет во јужно-германскиот град, туку на терање правда. Во Карлсруе се наоѓа Сојузниот уставен суд, кој веќе 60 години ги брани правата на граѓаните.

default

Кога некој во Германија се заканува дека ќе оди во Карлсруе, тоа значи дека ќе тера правда пред Сојузниот уставен суд

Судиите во Карлсруе се занимаваат со основните права. Секој што смета дека му се повредени граѓанските права со некоја постапка на државата може да приложи жалба пред Сојузниот уставен суд. Тие т.н. уставни жалби се најчести предмети на процес пред оваа установа во Карлсруе и тоа веќе цели 60 години.

Уставниот суд е нов почеток за Германија

Уставниот суд испитува дали некој државен орган, пресуда или закон ги крши одредбите од Уставот. Притоа главно се работи за основните права поместени во првиот дел од Уставот, кој во Германија го носи називот Темелен закон. Со истакнување на темелните права се сакало да се нагласи разликата меѓу новата германска држава, како држава на граѓаните, и претходната Германија, т.н. Третиот Рајх.

Bundesverfassungsgericht in Karlsruhe

Уставниот суд испитува дали се кршат човековите права

Како и многу други чинови и втемелувањето на уставните органи по Втората светска војна и чинот на основањето на Сојузниот уставен суд пред точно 60 години носеше во себе тежина на нов почеток. Младата германска демократија сакаше по диктатурата на Хитлер и излегувањето на Германија од семејството на цивилизираните држави повторно да стане дел од западното семејство. Темел на Сојузниот уставен суд е самиот Устав, кој е донесен две години порано, во 1949 година.

16-те судии на Сојузниот уставен суд, поделени во два одвоени сенати, до сега донесоа многу одлуки кои го променија политичкиот и општествениот пејсаж на Германија.

Одлуки кои влијаат на политиката

Меѓу познатите одлуки на Сојузниот уставен суд спаѓа и онаа од 90-тите, кога на неделникот „Штерн“ му дозволи и понатаму да објавува реклами од Бенетон со шокантни фотографии. Судот притоа посебно го нагласи правото на слободата на изразување. Инаку, судиите во Карлсруе и во последните 60 години често се занимаваа со правата на изразување на мислењето.

Flash-Galerie Bundesverfassungsgericht Richter

16-те судии со своите одлуки влијаат на политиката во Германија

Но, една од можеби политички најдалекусежните одлуки е онаа за отфрлање на барањето за забрана на десно-екстремната Национал-демократска партија на Германија (НПД), која ја покрена социјалдемократско-зелената влада на Герхард Шредер. Судот во 2003-та го отфрли барањето, бидејќи некои од најважните информации, кои требаа да придонесат за забрана на НПД, потекнувале од доушници, кои по наредба на Сојузната канцеларија за заштита биле инфилтрирани во партијата. Оваа одлука на долг рок го оневозможи секој политички импулс за забрана на оваа екстремна партија.

Друга значајна одлука на Сојузниот уставен суд се однесува на тужбата на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) против начинот на кој социјалдемократско-зелената влада на Герхард Шредер го протурка во горниот дом на Бундестагот својот закон за доселеници. Законот потоа беше повлечен, со што е избегната можноста за подобра регулација на доселувањето во Германија, а расправата за прашањето дали Германија е доселеничка земја или не е фрлена години наназад.

Критики за мешање во политика

Bundesverfassungsgericht Dossierbild 1

Уставниот суд од почетоците до денес е распнат меѓу политиката и правото

Сојузниот уставен суд од самите почетоци се наоѓаше распнат меѓу политиката и правото. Имено, одлуките на овој суд, да речеме кога станува збор за прифаќање или отфрлање на некој закон, што бил претходно прифатен од парламентот, во голема мера влијаат на политичкиот пејсаж на Германија.

Поради тоа многу критичари на институцијата во Карлсруе и' префрлаат за мешање во секојдневната политика. Уставните судии секогаш од ново повторуваат дека во креирањето на одлуките единствено и најважно мерило им е Уставот.

Автор: Дафне Гратвол / Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски