1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шверцувани милијарди

Истражните органи водат битка со се' пософистицираните начини на шверц на цигари. Годишно државите на ЕУ губат по десет милијарди евра. Комисијата на ЕУ прави обиди да ги затвори нелегалните патишта.

Крајна цел на една од нелегалните пратки беа покраините Саксонија и Тирингија, на истокот на Германија. Се шверцуваа повеќе од 200.000 цигари во вредност околу 50.000 евра. Без сомнение во мрежата на властите се фати „голема риба“, вели Бјанка Рихтер од Царинската служба во Дрезден, поточно тоа беше „јато риби“. Имено цигарите, за разлика од порано, веќе не се шверцуваат во големи камиони или контејнери, туку во мали количества, поделени во многу автомобили. „Овие сторители исто така одбраа и пат со железницата, тоа значи дека дел од испораката се шверцуваше во патни куфери со воз“.

Zigarettenschmuggel Deutschland Hamburg Archiv 2011

Разликата во цените мамка за криминалните банди

Цариниците веќе подолго време ги надгледувале сторителите и кога имале доволно информации, презедоа акција. При претресот на домовите службениците најдоа и други цигари и докази за претходни тури на шверц на цигари. Вкупно бандата го оштети буџетот на државата, по основа на неплатени даноци, во висина од 15 милиони евра. Нелегалната стока ја набавувала во Русија, Украина и Белорусија.

Планови на ЕУ против шверц на цигари

Земјите на ЕУ секоја година губат околу десет милијарди евра поради шверцот со цигари. Ова е груба проценка. Можно е да се работи и за 15 милијарди или можеби за седум милијарди евра. Во секој случај станува збор за огромна сума на пари, кои не се влеваат во државните каси. Комисијата на ЕУ затоа планира нова стратегија против шверцот на цигари во Европа. Покрај досега вообичаената полициска соработка меѓу земјите на ЕУ, Комисијата сака да преземе мерки кај производителите и во земјите од каде доаѓа шверцуваната стока.

Иако и самите производители на цигари се во загуба поради шверцуваните цигари, некои на тоа заработуваа. Популарните цигари, кои на европскиот пазар беа шверцувани од источна Европа и Азија, долго време стигнуваа по заобиколни патишта од производствените хали на големите европски и американски концерни за производство на тутун.

Zigarettenschmuggel

Се шверцуаат не само познати марки

Во изминатите три години Комисијата на ЕУ континуирано го зголемуваше притисокот врз производителите на цигари. Со четирите најголеми концерни, кои покриваат 80 проценти од светскиот пазар, властите во Брисел веќе склучија спогодба, со која самите претпријатија мораат да учествуваат во борбата против шверцот на цигари. Фирмите сега мора точно да наведат каде и колку цигари испорачале.

Заработуваат и прoизводителите на цигари

Остин Роуван од Европската агенција за борба против измама (OLAF) оваа спогодба ја фали како важен прв чекор, по кој треба да следува и вториот: „Другите производители вон Европската унија, се'уште продаваат огромни количества цигари на пазарите, за кои се знае дека не може да биде конзумирана ниту четвртина, честопати ниту една десетинаод испорачаното количество“. Производителите значи многу добро знаеле дека нивните цигари од тие, честопати многу мали земји, цигарите се криумчареле во Европската унија.

С'ржта на проблемот со шверцот на цигари е големата разлика во цената, која едноставно го привлекува организираниот криминал. Пратка со 100.000 кутии цигари во Белорусија чини 30.000 евра, кога ќе ја мине Полска веќе вреди 100.000 евра, а во Германија 250.000 евра. Доколку камионот продолжи кон Англија или скандинавските земји, тогаш вредноста на цигарите се искачува на половина милион евра.

Поради тоа организираните банди не престануваат да пронаоѓаат нови и нови начини на испорака. Пред 20 години беа шверцувани главно оригинални марки. Потоа почнаа да се фалсификуваат познатите марки цигари, а денес се шверцуваат и евтини марки, како, на пример, Jin Ling од Калининград.

Легално производство за нелегалниот пазар

Zigarettenschmuggel Deutschland Köln Archiv 2001

Волфганг Шмиц од Царинската полиција во Келн

„Официјално цигарите Jin Ling се произведуваат за рускиот пазар“, вели Волфганг Шмиц од Царинската полиција во Келн. „Интересно е меѓутоа што на русиот пазар не можете да најдете ниту една единствена цигара од марката Jin Ling“. Со други зборови: овие цигари директно се произведуваат за шверц. Со голем успех: во некои населби на Берлин Jin Ling се цигари кои најмногу се пушат. Побарувачката е толку голема, појаснува Волфганг Шмиц, што дури оваа „марка произведена за шверц во меѓувреме се фалсификува“.

Комисијата на ЕУ има намера под лупа да ја стави и оваа евтина марка. Земјите како Русија преку меѓународните трговски договори и конвенции би требало да бидат принудени, подобро да ги контролираат производителите. Потешкиот дел од работата ќе биде контролата на другите бесцарински зони. „Бесцаринските зони во целиот свет се користат како крстосници за шверцот со цигари“, вели Остин Роуван од Европската агенција за борба против измама.

За Волфганг Шмиц од Царинската полиција во Келн борбата против шверцуваните цигари не е само борба против затајувачите на данок. Многу од цигарите, шверцувани пред се' од Азија, го загрозуваат здравјето. „Тутунот честопати доаѓа од региони, каде се' уште се користат пестициди и хербициди, кои во Европа одамна се забранети“, предупредува Шмиц. Во цигарите имено веќе биле најдени и иситнети делови од ЦД-а, измет од глувци, па дури и азбестни влакна.