1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Шведскиот правосуден систем пред тежок испит

Стуре Бергвал, алијас Томас Квик, е ноторен лажго, психички болен и фантазер, со години зависен од дроги и лекови. Но, се’ посилно е сомневањето дека е и сериски убиец. Неговиот случај во Шведска е правен скандал.

default

Приказаната на Стуре Бергвал, алијас Томас Квик  започнува во 1992 година. По грабеж на банка Бергвал е затворен во психијатриска клиника на еден отворен затвор. Никој не сака вистински да се занимава со него - се’ додека не почна да раскажува за наводни убиства што ги извршил. Одеднаш луѓето се заинтересираа.

 „Тоа се должи на ситуацијата во клиниката. Одеднаш станав интересен случај за психијатрите. Со нив можев да разговарам, тие сакаа да дознаат повеќе за мене“, вели Стуре Бергвал, алијас Томас Квик.

Thomas Quick

Стуре Бергвал, алијас Томас Квик

И, бидејќи сега толкумина сакаа да го слушаат, тој известува за се’ повеќе злодела, гарнирајќи ги со бестијални детали. Наводно, отепал вкупно 33-ца луѓе. Сите им веруваат на неговите приказни. Тој си го промени името, сега се нарекува Томас Квик.

Стуре Бергвал - или Томас Квик уште од младоста е зависник од дроги. За да изнесува натамошни откритија, терапевтите му даваат силни средства за смирување. За време на една посета на место на наводно злосторство, тој стана агресивен, оти не ја добил неговата доза. „Добив многу зголемена доза психо-лекарства, тоа го олеснуваше лажењето.“

Сомневање во вистинитоста на исказите

Но, неговите приказни напросто не беа точни. За многу од делата за кои раскажуваше, Бергвал има алиби - само што во судската постапка никој не се интересира за тоа. За осумкратно убиство Стуре Бергвал беше осуден доживотно да остане во затворена психијатриска установа.

Томас Олсон, бранител на Стуре Бергвал истакнува: „Основен проблем на истрагата беше дека само тројца или четворица иследници имаа целосен увид во актите“.

Новинарот Ханес Растам ги следеше процесите. Тој одамна се посомнева во доказите и наводните признанија. Уште еднаш ги преиспита сите поединечни дела, направи распит на осудениот. Потоа напиша книга во која докажува дека Бергвал не можел да ги изврши сите бестијални убиства што ги призна. Судски скандал. 

„Обвинителите се одговорни за тоа што судот не беше вистински информиран. Тие мораа објективно да ги проверат доказите и да се погрижат судот да добие коректни податоци“, вели бранителот Олсон.

Во меѓувреме апелациониот суд укина пет од осумте пресуди. Во тек е проверката на преостанатите три. Сега 62-годишниот Бергвал помина терапија на одвикнување од дроги и ги отповика сите свои признанија, велејќи дека сето тоа го измислил. „Ужасно е, родителите на жртвите мора неверојатно многу да страдаа слушајќи ги моите приказни. Пред судот кажав и многу лоши работи за моето семејство.“

Опозицијата бара расветлување на случајот

Случајот стигна и до парламентот. Опозицијата бара сеопфатно расветлување, стравувајќи дека шведските иследници потфрлиле можеби не само во овој случај.

Морган Јохансон oд Социјалдемократска партија на Шведска подвлекува: „Мора да има и дополнителна доказна постапка. Не е прв пат лабилни карактери да признаат криминални дела што воопшто не ги сториле.“

Symbolbild Mord Ehrenmord Messer

 Случајот Томас Квик - или Стуре Бергвал - во меѓувреме стана најголем правосуден скандал во Шведска, посебно затоа што сите тие убиства се’ уште не се расветлени.

„Застрашувачки е дека вистинските убијци со години се на слобода, затоа што еден психички болен човек ја презеде одговорноста за нивните дела“, вели Јохансон.

Министерот за правда е под притисок, но таа сака прво да сочека додека сите пресуди да бидат целосно проверени.

Новинарот Стефан Валберг, издавач на интернет-магазинот „Дневна правда“, смета дека случајот кој во Шведска предизвика толку возудувања во изминатите години, ги обелоденува големите слабости на правосудниот систем. „Во процесите против Томас Квик изостанаа спротивставувањата меѓу обвинителите и бранителите, што се нужни за да се открие вистината. Тие однапред беа согласни дека тој е виновен. Тоа е грешка на нашиот правосуден систем во Шведска, која во овој случај многу јасно дојде до израз“, вели Валберг.

Една комисија треба темелно да ги истражи грешките и пропустите, за да можат одговорните да извлечат поуки за во иднина.